Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека Германија стои на страната на Израел, нагласувајќи дека мора да се спротивстави на терористите на Хамас.
Тој ова го рече на отворањето на Меѓународната конференција за одржливост што се одржува во Хамбург и посочи дека официјален Берлин го поддржува прекинот на огнот, ослободувањето на заложниците и почетокот на политичкиот процес, дури и ако тоа изгледа потешко од кога било.
– Решението со две држави може да биде единствена цел за секој политички процес – рече Шолц.
Според него, изминатата година на војна, му донесе незамисливо страдање на палестинското население во Појасот Газа.
„Хезболах и Иран мора веднаш да ги запрат нападите врз Израел“, рече Шолц и предупреди дека овие напади претставуваат уште една ескалација во инаку тензичната ситуација на Блискиот Исток.
Израел денеска ја одбележува првата годишнина од нападот на палестинската милитантна група Хамас, а израелскиот претседател Исак Херцог го започна денот со едноминутно молчење во Кибуц Реим.
Во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година загинаа најмалку 370 луѓе, а во војната што тогаш избувна и се уште трае, до крајот на септември годинава загинаа повеќе од 43.000 луѓе, од кои 41.431 Палестинци, најмногу во Појасот Газа.
Повеќе од половина од зградите во Појасот Газа се уништени, а речиси целото население на Газа е раселено – приближно 2,3 милиони луѓе./Извор:Makfax