5. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Фото: Царинска управа
МАКЕДОНИЈА

Се модернизира граничниот премин Деве Баир

Се модернизира граничниот премин со Бугарија, Деве Баир, со што ќе се овозможи подобро регионално поврзување и подобрување на трговските врски со останатите држави. Со поставување камен темелник на нов објект на терминалот за стоково царинење денеска и официјално започна реконструкцијата и надградбата на граничниот премин Деве Баир на којшто се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски, директорот на Светска банка за Македонија, Масимилијано Паолучи и директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.

Граничниот премин Деве Баир е прв позначаен источен граничен премин, кој овозможува влез кон Бугарија и пристаништето Бургас, а понатаму кон Романија и пристаништето Констанца, Молдавија, како и еден од двата главни коридори кон Турција.

„Македонските граѓани ќе имаат модерен граничен премин кој е дел од Коридорот 8, што е силна политичка порака. Оваа инвестиција, вклучувајќи ја и инвестицијата која ја најавуваме во понеделник за нов граничен премин Клепало кажува дека секоја точка на Македонија ни е важна. Нема да оставиме ниту една точка која нема да биде реконструирана и реновирана”, вели премиерот Мицкоски.

Инвестицијата на граничниот премин Деве Баир е дел од Проектот на Светска банка за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан на Светска банка, при што во рамките на овој проект за реконструкција и надградба на преминот се обезбедени 96 милиони денари. Покрај изградбата на нов современ административен објект на терминалот за стоково царинење, целосно ќе се реконструира и постоечката управна зграда на самиот граничен премин.

Министерот за транспорт Николоски, потенцира дека проектот треба да биде завршен до мај 2025 година и да имаме прва фаза завршена од реконструкција на граничниот премин Деве Баир.

“Во моментов работиме на нов детален урбанистички план од А категорија кој што требна да не оденсе до втората фаза за реализација на граничниот премин, така што во текот на следната година ќе почнеме, а во текот на 2026 година ќе го завршиме целосен овој граничен премин и во делот на граничната управа и во делот на фитосанитарната управа и во делот на граничната полиција и секако со повеќе сообраќајни ленти”, вели министерот Николоски.

Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски истакна дека со реконструкцијата на Управната зграда ќе се добијат современи услови за работа на царинските и полициските службеници, а со изградбата на новиот објект на терминалот за стоково царинење покрај царинските службеници, бенефит ќе имаат и службениците од Државниот инспекторат за земјоделие и граничната Фитосанитарна инспекција како и од Агенцијата за храна и ветеринарство. Воедно процедурите за увоз, извоз и транзит ќе се одвиваат на едно место, што ќе претставува олеснување за економските оператори, а ќе се придонесе и кон скратување на времетраењето на завршување на постапките.

„Годинава заклучно со септември на овој премин на влез и на излез поминале 88.213 камиони или за 11 проценти повеќе од минатата година. Од аспект на наплата на приходи во Буџетот, на терминалот за стоково царинење овде на Деве Баир наплатени се приходи во износ од 1,4 милијарди денари или 110 милиони денари повеќе од лани, тенденција која планираме да расте. Инвестирањето во модернизација на граничното управување и подобра поврзаност со нашиот источен сосед Бугарија е дел од нашите заложби за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ“, вели директорот Николовски.

Директорот на Светска банка за Македонија, Масимилијано Паолучи потенцира дека Светска банка ја поддржува оваа агенда преку повеќе инструменти, но оти нивниот примарен ангажман е преку Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, чија цел е да се олесни движењето на стоки и услуги низ целиот Западен Балкан да се подобри ефикасноста и предвидливост на сообраќајот и да се зголеми пристапот до пазарот за трговија и инвестиции.

“Модернизацијата на граничниот премин Деве Баир е само почеток. Се подготвуваат натамошни подобрувања на овој граничен премин преку зголемување на бројот на лентите”, вели Паолучи.

Во рамки на Проектот за олеснување на трговијата на Западен Балкан покрај Деве Баир се реконструира и граничниот премин Ќафасан како дел од Коридорот 8.

Фото: Царинска управа