22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
РЕГИОН

(Видео) Центарот на Будва под вода, Хрватска воведе итни мерки поради поплавите, во Подгорица автомобили едвај поминуваат низ водата

Силно невреме проследено со дожд и ветер ја зафати Хрватска. Огромно количество дожд наврна на Истра, а реката Купа во Карловац го надмина водостојот од 750 сантиметри. Во Црна Гора синоќа имало големо количество врнежи поради што поплавени се улиците во Будва и Подгорица, а во Словенија паѓа снег.

Според началникот на пожарникарската жупанија, Дино Козлевац, противпожарните единици во Истра имале 32 интервенции во изминатите 24 часа поради поплави. Пожарникарите интервенирале 13 пати само на подрачјето на Порече, а девет интервенции имале на подрачјето на Пула, шест на подрачјето на Пазин и по една во Ровињ, Умаг, Лабин и Бузет.

„Пожарникарите најмногу интервенираа и излегоа на терен за да ги отстранат дрвјата што паднаа на коловозите поради силниот ветер, но имаа и интервенции за испумпување на водата. Во тие настани нема загинати, но причинета е материјална штета. Сè на сè, состојбата во моментот е поволна“, рече Козлевац.

Во Карловац во седум часот утринава надминат е водостојот на реката Купа од 750 сантиметри и влезе во фаза на вонредни мерки за одбрана од поплави, а се зголемува за 10-ина сантиметри на час. Како што е најавено, нивото на водата ќе се зголемува до попладневните часови за кога се најавува врвот на водниот бран, кој треба да надмине 800 сантиметри.

„Поради водата, затворени се патиштата во Бродарци, покрај Купа, Селац, Кобилиќ и Броѓани“, соопштија локалните власти.

Поплави и во Подгорица

Силниот дожд што наврна синоќа во Подгорица предизвика поплави на неколку улици.

Најлошо е во Забјело, а на социјалните мрежи се објавени видеа од автомобили како едвај поминуваат низ поплавените улици.

Во Спуз се поплавени дворови на куќи, а во целата земја е вклушен црвен метео-аларм./Извор:Makfax