3. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ДЕНЕСКА ПРАЗНУВАМЕ ЗНАЧАЕН ПРАЗНИК: Светите маченички Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија

Живееја и страдаа во Рим, во времето на царот Адријан. Мудрата Софија, како што ја одликува и името што го носи (софија – мудрост), остана вдовица, а како добра христијанка се утврди себеси и своите ќерки добро во верата Христова. Во времето кога мачителската рака на Адријан се протегна и врз добордетелниот дом на Софија, Вера имаше дванаесет, Надеж десет, а Љубов девет години. Изведени пред царот тие сите четири држејќи се за раце смерно но одлучно ја исповедаа верата во Господ Христос и одбија да ? принесат идолски жртви на Артемида. Пред страдањето мајката ги крепеше ќерките со совети да истраат докрај. „Вашиот небесен љубител Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и живот бесмртен. И кога вашите тела ќе бидат убиени во маки, Он ќе ве облече во нераспадливост и раните на вашите тела ќе светнат на небото како ѕвезди.“ Мачителот ги мачеше со лути маки сите една по една: најпрво Вера, па Надеж, па Љубов. Ги тепаа, ги сечеа, ги фрлаа во оган и во врела смола и најпосле една по една ги убија со меч. Софија ги зеде мртвите тела на своите ќерки, ги однесе надвор од градот и таму чесно ги погреба. Остана на нивниот гроб три дена и три ноќи молејќи Го Бога и така Му го предаде својот дух итајќи во рајските населби, каде што ја чекаа душите на нејзините блажени ќерки.

Тропар
Блажени сте вие, о маченички Христови, Вера, Надеж и Љубов, ќерќи на Софија,која е напоена од Мудроста, ве приведе не само кон очистување, туку и кон полнота на благодатта, молете се за нас, о вие деца на верата, ученици на надежта, исполнување на љубовта, за поучени од Мудроста одозгора, да оддолееме на минливите понуди од овој свет.

Според календарот на МПЦ се празнуваат и следните празници:

Светата маченичка Агатоклија
Им беше слугинка на извесни Никола и Павлина, коишто најпрво беа христијани, но го оставија христијанството и повторно им се поклонија на идолите. Св. Агатоклија не сакаше да го следи примерот на своите господари, па затоа беше луто мачена и од нив и од судијата. Најпосле нејзината госпоѓа ја умртви фрлајќи ? оган на вратот. Но Бог ја прослави Својата слугинка во Своето Небесно Царство.

Тропар
Се одврза клетвата Адамова, љубовта се врати во човека, благодатно примена од душата твоја оживеана, о Агатоклио света маченичке, која ропство човечко прифати и слобода небесна доби преку многу трудови на оваа земја пуста и неплодна. Затоа Христе Боже помилувај н? по нејзините свети молитви.

Свети сто педесет и шест маченици
Сите Мисирци. Страдаа за Христа во 310 година, едни од меч, други од оган. Меѓу нив беа и двајца старци епископи: Пелеј и Нил, потоа свештеникот Зинон и двајцата славни мажи: Патермутиј и Илија. Со нив пострада и прочуениот слеп старец Јован, којшто го знаеше Светото Писмо наизуст и наизуст го кажуваше на христијанските собранија. Сите се овенчаа со маченички венци и се преселија во бесмртното Царство Христово.

Тропар
Голема е славата ваша при Господа, о свети страдалници, и силна е молитвата на која се надеваме, а вие пред одарот на слободата ја принесувате, достојнославни отци, кои минливост земна презревте и во идниот живот надеж во Христа положивте.

Светата маченичка Теодотија
Осум години трпеше тешки маки од еден хегемон Симвликиј, којшто најпосле слезе од умот. Ја убија со меч околу 230 година, во времето на царот Александар Север.

Тропар
Тело женско немоќно, со дух мажествен обвиено, слава на Господа вознесува преку сите дни на животот свој, о Теодотијо света маченичке, а Он во оган те претвори, зломислието го посрами и мноштво души спасени во Себе роди. Радувај се и за нас моли се собеседничке на ангелите, сотрудничке на мачениците: Божја угодничке.