Речиси целосно е реализирана предвидената финансиска поддршка од 250 милиони евра за домашните компании, преку програмата за поволно кредитирање на приватниот сектор. Досега се пласирани 242 милиони евра, а со новата транша продолжува поддршката на домашните инвестиции.
Министерството за финансии префрли нови 45,2 милиони денари од Централниот буџет кон Развојната банка, наменети за инвестициите што ги реализираат домашните компании.
Вкупната досегашна поддршка изнесува 14,9 милијарди денари, а средствата се обезбедени од унгарската Експорт-импорт банка. Првата транша од Буџетот кон Развојната банка беше реализирана во март минатата година.
Преку оваа мерка, Владата обезбедува поволни кредитни услови за компаниите, со каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години.
Пласманот на средствата се реализира преку Развојната банка и деловните банки, со цел поттикнување на нов инвестициски циклус во приватниот сектор и поддршка на економскиот раст.


