24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Министерство за Образование
.МАКЕДОНИЈА

Јаневска: Националните програми за високо образование и научно-истражувачка дејност ќе бидат патоказ за идно делување

Програмата за високо образование недвосмислено посочува дека потребни се подобри услови за настава, поголем ангажман на наставниот и научниот кадар, повеќе финансии и нова формула за финансирање и секако, интервенции во законската регулатива. Мора да профункционираат вистински Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, за да обезбедат рационализација на високообразовните установи.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на презентацијата и дебатата за нацрт верзиите на националните програми за високото образование и научно-истражувачката дејност, кои беа изработени од страна на Националниот совет за високо образовани и научно-истражувачка дејност.

„Главни актери во целокупните промени мора да бидат студентите и оттука, драго ми е што предлог-програмата за високо образование се осврнува на начинот на нивното организирање, студентскиот стандард, како и студентската мобилност“, изјави министерката.

Во поглед на науката и научно-истражувачката дејност, Јаневска истакна дека досега државата не одвојувала доволно средства за наука.

– Само 0,3% од БДП досега беа наменети за научно – истражувачка инфраструктура, за научно истражувачки кадри и проекти. Тоа мора да го промениме и ќе кажам дека оваа Влада планира зголемување на буџетот за наука постепено до 1% од БДП, потенцираше Јаневска, додавајќи дека сите чинители мора да се потрудат за поголемо поврзување на науката и бизнис заедницата, бидејќи само така може да се забрза технолошкиот развој и да се креираат иновации.

Изразувајќи благодарност до сите членови на Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност и сите останати соработници за вложениот труд во изработката на овие два стратешки документи, Јаневска истакна дека тие се своевиден патоказ за креирањето на идните политики за осовременување на високото образование и научно-истражувачката дејност во земјава.

На презентацијата на Предлог – Програмите, присуствуваа и претседателката на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, проф. д-р Гордана Лажетиќ, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Миле Маркоски, членовите на Националниот совет, како и професори, асистенти и студенти.