23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Дуда: Светот не би ѝ простил на Русија за употребата на нуклеарно оружје, проколнат ќе биде првиот што ќе го употреби

Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека руската закана да го задржи правото на користење нуклеарно оружје не е ништо ново, но дека рускиот претседател Владимир Путин и неговите генерали многу добро знаат дека кој прв ќе посегне по атомска бомба ќе биде проклет и светот никогаш нема да прости.

„Русија ако погледнеме ладнокрвно, без паника, треба да се каже дека Путин го повторува она што со години е запишано како руска воена доктрина, дека Русија го задржува правото да ги користи сите средства, очигледно вклучувајќи го и нуклеарното оружје, во случај на опасност за Русија“, рече тој за полската приватна телевизија ТВН24.

Коментирајќи ги последните закани дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје, полскиот претседател рече дека тоа не е ништо ново.

„Меѓутоа, Владимир Путин совршено знае, како и неговите генерали, дека првиот што ќе употреби нуклеарно оружје ќе биде проколнат. Тој никогаш повеќе нема да се измие од таа одговорност ако користи нуклеарно оружје. Дури и во најмала мера. Никогаш. Светот нема да им прости“, изјави полскиот претседател, кој престојува во Њујорк на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации.

Анджеј Дуда потсети дека кинескиот претседател Шји Џјинпинг јасно му рекол дека не може да замисли дека некој може да посегне по нуклеарно оружје.

Полскиот претседател, сепак, оцени дека е сосема можно Русија да ја нападне украинската нуклеарна централа со конвенционално оружје, како што стравуваше претседателот на Украина Володимир Зеленски.

„Доколку Русија нападне нуклеарни централи со проектили, опасноста би била голема. Се надевам дека тоа нема да се случи. Нема сомнеж дека во случај на сериозни информации, или не дај Боже да започне таков напад, треба итно да интервенира Меѓународната агенција за атомска енергија“, изјави Дуда.

Полскиот претседател додаде дека го чека средба и во САД, во поширок круг, каде најверојатно ќе биде и украинскиот претседател, со американскиот претседател Џозеф Бајден.

„Постојано излегувам со порака за поддршка за Украина. Оваа војна може да заврши само со протерување на руската армија. Тоа значи дека руската армија ќе биде поразена. Украина мора да ги има инструментите за тоа“, изјави Дуда во интервју за ТВН24 од САД./Извор:Makfax