Мицкоски: Започна проектот за 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, објавен е јавен повик за аплицирање
Интегрален текст:
„Почитувани,
Целта на денешната прес-конференција е почетокот на реализација на проектот од кој Владата ќе одвои 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините и подобрување на животот на граѓаните.
За таа цел е објавен јавниот повик за аплицирање на општините за инфраструктурни проекти врз основа на претходно утврдени критериуми и процедури на Министерството за транспорт, за животна средина и просторно планирање, образование и наука, социјална политика, демографија и млади, спорт и Министерството за култура и туризам.
Целта на овој отворен јавен повик е да се доделат средства на општините за проекти со чија реализација ќе се придонесе за унапредување на инфраструктурата на локално ниво со директен импакт врз зголемување на економскиот раст, развој во општините и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните.
Право да поднесуваат апликации и предлог – проекти имаат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје. Испраќам на апел што е можно повеќе општини, независно од политичката провиниенција на градоначалниците да учествуваат во овој повик.
Ние сме Влада на сите граѓани, и нашата цел е да се подобри животот на сите граѓани. Овие пари значат повеќе проекти и решенија за граѓаните за нови улици, булевари, училишта, градинки, водоводи, канализации, сѐ она што в суштина им е потребно на граѓаните. Ова е прв ваков проект од толку обемен карактер за инфраструктурен развој на општините во историјата. 250 милиони евра од централниот буџет за вистинските потреби на граѓаните.
Во минатото се правеле инфраструктурни проекти во главниот град, но никогаш секаде и за сите општини во толку голем обем како што е замислата со овие 250 милиони евра и свесен сум дека голем дел од општините се соочуваат со вистински потреби за развој на инфраструктурни проекти и капитални инвестиции.
До крајот на оваа година со овој јавен повик на располагање за општините се ставаат 6 милијарди денари, и ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари или 250 милиони евра за капитални проекти. Одблиску ќе ја следам реализацијата на проектите, а процесот ќе биде целосно транспарентен и достапен на увид на целата јавност.
Со ова покажуваме дека се гради за народот. И дека помагаме и се грижиме за секој еден граѓанин. Дозволете во продолжение министерот за локална самоуправа Златко Перински кој го објави овој јавен повик, да објасни за начинот и роковите за пријавување. На крајот сум достапен за вашите прашања“.