„Веќе во првите месеци, се појави антагонизам со Албанците, антагонизам на линија на Преспанската спогодба, никаков напредок со Бугарија, а приближување со Орбан. Ако е тоа правецот во кој планира владата да ја движи земјата, брзо ќе се соочи со критика од меѓународната заедница“, вели аналитичарот Петар Арсовски за „Рацин.мк“.
Аналитичарот додава дека засега има само очекувања за борба против корупцијата и за привлекување на нови стратешки инвестиции, но и дека пред владата има огромни предизвици.
„Немам впечаток дека има некое особено пеколно темпо во работата на владата, напротив. Дури и поставувањето на функционери оди побавно од очекуваното, особено ако се спореди со последниот мандат на ВМРО ДПМНЕ, кога без малку илјада функционери без сменети во првиот ден од мандатот“, вели Арсовски.
Тој додава дека владата се соочува со сериозни предизвици до четирите столба на кои се потпира македонското општество – меѓуетничките односи; односите со соседните земји; евроинтегративниот процес и реформите.
„Што се однесува до четирите столба, мислам дека новата влада се соочува со сериозни предизвици во секој од нив. Меѓуетничките односи се напрегнати поради дијаметрално спротиставените ставови на Македонците и Албанците околу иднината на земјата, соседските односи и евроатлантските интеграции се заглавени во еден инаетлив балкански синдром, а реформите – можеби полето на кое очекувањата се најголеми, не се ни почнати“, анализира Петар Арсовски за „Рацин.мк“