Обраќање на Розалија Ангеловска, наставничка, на денешниот собир на наставници и просветни работници
Да се биде учител, наставник, професор, воспитувач е најблагородната, најубавата, но и најодговорната професија што подразбира огромна посветеност не само кон младата личност туку и кон оној на кој му се потребни знаења, вештини и мотивација.
Учителот, наставникот, професорот, просветниот работник е огледало на воспитно – образовниот процес, клучна алка за подобро образование и воспитание на младата популација.
Едно општеството може да оди напред само ако водиме грижа за зголемување на квалитетот на образованието.
А токму наставниците ја играат најзначајна улога за унапредување на образованието, но и уште повеќе, за децата правилно да се насочат кон иднината во сите современи сфери и аспекти од животот.
За наставниците секогаш во центарот на вниманието биле, се и ќе бидат учениците и студентите .
Грижата за наставникот е грижа за оние кои го воспитуваат и образуваат нашите децата. А децата се нашата иднина, градители на нашето општество.
Борбата за подобар животен стандард и достоинството на наставниците е борба за идните генерации.
Просветните работници не сакаат да бидат потценети, девалвирани и уценети, пренатрупани со технички активности кои ги одвлекуваат од суштината на воспитно образовниот процес.
Сакаат да бидат морално и материјално соодветно вреднувани, да работат во современи училишта, без казни и терор, со поголеми плати, и подобри услови за работа.
Бараат да бидат вклучени во подготовките на сите реформски процеси, да го дадат својот придонес за образованието.
Ако можеше за 7 години секоја година да се зголемува платата на наставникот нема оправдување сега да не се зголемат. Законска обврска мора да се почитува.
Одговорност на власта е да ги зголеми платите на наставниците, во септември за 12%.
Од овде, пред зградата на надлежното Министерство порачуваме: Нема оправдувања! Зголемете ги платите! Наставниците тоа го заслужуваат!