25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

За популистите разрешувањето на амбасадорите е секогаш „слатка“ мерка

Разрешувањето или смената на амбасадорите е секогаш „слатка“ мерка на популизмот и неговите застапници и по правило се применува за да ги задоволи жртвите на популистичките политики обременети со флоскулата „доста им беа девизни плати“.

Дополнително оваа алатка за пресметка со непожелните кадри, на владеачките партии на кои владеењето им е сведено на „леб и игри“, лебот се амбасадорските места за своите, а игрите се задоволството од малтретирањето и смените на политичките неистомисленици.

Но, кога се работи за покрупни политички фигури и познати интелектуалци како што е постапката за смена на амбасадорот на Северна Македонија во Обединетите нации во Њујорк, професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски, тоа е повеќе од само игра.

Имено, како што и се очекуваше, кога праќате на такво важно место во дипломатијата во клучна меѓународна организација како што е ОН, Фрчкоски зацрта една препознатлива либерална линија во дипломатското сојузување и претсатвување на нашата земја.

Од информациите за работата на Фрчкоски во ОН, како исклучително значајни се оценуваат повеќе кластери на кои работеше за време на својот мандат во ОН.

На прво место е неговиот ангажман со кој го зацврсти односот со нашите стратешки партнери САД и ЕУ земјите не само со поддршка на заедничките иницијативи и резолуции, туку и со една прилично тешка операција за спротиставување на Русија и на нејзината ароганција по извршената инвазија врз Украина и кршењето на повелбата на ОН.

На предлог на САД, амбасадорот Фрчкоски работеше на кандидатурата на Северна Македонија во важни тела на ОН, како што е ЕКОСОК, една од шесте најважни агенции во системот на ОН која ги креира економско социјалните политики кои потоа им се препорачуваат на земјите членки.

Со кандидатурата на Северна Македонија на предлог на САД, беше спречено зачленувањето на Руската Федерација во ЕКОСОК за мандатот од 2023-2025. Кандидатурата на Северна Македонија освои 77-82 гласа , а Русија 98-102, со што оваа земја беше блокирана да стане членка за што беа потребни 120 гласа.

Вака се гласа веќе две цели години и ќе продолжи блокадата врз Русија, доколку политиката на Северна Македонија кон Москва не се смени.

Во оваа дипломатска операција Северна Македонија беше подржувана од сета западна алијанса и ги собра сите симпатии и признанија за својот придонес.

Во кластерот на човекови, малцински и права на ранливите групи, Северна Македонија предводи во две насоки: Таа е дел од групата кор-земји (41) за нивна промоција и со своите настапи, од кои 14 писмени, ја зацврстува позицијата на демократска земја со либерални стојалишта за ќовековите права .

Имено, Северна Македонија предложи проект во ООН кој беше прифатен прв пат во својата историја на членство кој се вика „Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“.

Иницијативата на досегашниот амабасадор Фрчкоски беше прифатена и за неа беше одреден буџет, што е многу ретко во ситуација на финансиска криза во ООН.

Цел на проектот е да се создаде, прво Прирачник (Policy Paper) кој во наша чест како иницијатори на Проектот би се нарекол Скопје (Охрид) Policy Paper, во зависност од тоа каде би се одржала Првата Конференција за негово донесување. Прирачникот ќе содржи: методологија и начин на работа и начин на составување групи во рамките на ООН за медијација при идентитетски конфликти низ светот кој можат да доведат до вакви злосторства при што медијацијата треба да помогне да се избегнат трагичните исходи.

Второ, по донесувањето на Прирачникот (Policy Paper) треба да се создаде листа од експерти – медијатори како и листа на точки и жаришта на вакви тензии каде ќе се понуди помош и посредување од страна на ООН.

Проектот, велат нашите извори, беше прифатен од страна на ОН, затоа што е тоа една од основните негови задачи, посредување при вакви тензии и е жестоко критикуван за својата пасивност и неуспеси при ваквите посредувања во минатото.

На основа на одобрениот буџет во април и мај 2024 се одржаа две on-line средби со експерти медијатори од цел свет на кои се дефинираше рамката за носење на Policy Paper и План за Акција кој би се нарекол според Скопје или Охрид Policy Paper со што на некој начин „создаваме историја” имајќи во предвид дека Северна Македонија има искуство и знаење за решавање на вакви идентитетски конфликти во минатото и е препознаена како позитивен чинител во таа насока.

Северна Македонија и македонските експерти овде ќе се појават како едукатори , а не како „примачи на знаење“, имајки предвид дека се искусни во создавање на вакви успешни договори за идентитетски конфликти како што се Охридскиот рамковен договор и Договорот од Преспа.

Финален чин на оваа фаза на проектот е Конференција на која би се дискутирал и усвоил Policy Paper и Планот за Акција, а која би се одржала во Скопје или Охрид. Предлогот на Специјалниот Советник Ндериту е периодот од 16- 27 Октомври 2024 година.

Ова секако ако воопшто Северна Македонија после смената на амбасадорот Фрчкоски ќе сака да остане во овој проект кој го создаде нејзиниот амбасадор во ОН.

Р.Р.

извор Рацин.мк