21.8 C
Скопје
19. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ОН: Минатата година загинаа рекорден број хуманитарни работници

Рекорден број хуманитарни работници загинаа минатата година во конфликти ширум светот, додека оваа година може да биде уште покатастрофална, соопштија денеска Обединетите нации (ОН).

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања објави дека во 2023 година загинале 280 хуманитарни работници во 33 земји, што е двојно повеќе од 118 лица кои починале претходната година.

Во извештајот се наведува и дека повеќе од половината загинале во првите три месеци од израелската војна во Газа, која започна во октомври минатата година, главно во воздушни напади.

Канцеларијата најави дека оваа година може да има уште посмртоносен исход, бидејќи до 7 август животот го загубија 172 хуманитарни работници.

Голем број хуманитарни животи беа изгубени во насилствата во Судан и Јужен Судан и оваа и минатата година.

Координаторот на ОН за итни случаи Џојс Мсуја рече дека „нормализацијата на насилството врз хуманитарните работници и недостатокот на одговорност се неприфатливи, несовесни и крајно штетни за хуманитарните операции ширум светот“.

Таа повика на порешителни чекори „од страна на властите за да се стави крај на прекршувањата врз цивилите и неказнивоста со која се вршат овие грозоморни напади“./Извор:Makfax