23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Десна рака на Руте: Шекеринска најсериозен предлог за заменик генерален секретар на НАТО

Во пресрет на 2-ри октомври, денот кога Марк Руте и официјално ќе го преземе водечкото место во Северноатланската Алијанса – НАТО, во бриселските кулоари се погласно се зборува за кој ќе биде негов заменик.
Според еминентниот бриселски магазин „Политико“, за позицијата десна рака на Руте најголеми шанси имаат жени, откако Алијансата не успеа да постави жена за генерален секретар. Шпекулациите во седиштето на НАТО се фокусирани на две поранешни функционерки од Македонија и од Бугарија.

„Можеби функцијата ќе и припадне на жена од Источна Европа“, вели поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску за „Политико“. Според неа, улогата на заменик генсек доби многу поголема важност во текот на последната деценија. Примарната улога на носителот на оваа функција е да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.

Како најсериозна кандидатка токму за оваа престижната втора позиција во НАТО се споменува Радмила Шеќеринска, поранешната министерка за одбрана којашто одигра клучна улога за зачленувањето на Македонија во Алијансата, пишува „Политико“.
„Политико“ и неговите извори во НАТО ја профилираат Шекеринска како прозападна политичарка која во моментов е потпретседателка на Партијата на европските социјалисти (ПЕС). Доколку биде избрана, таа ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега кој доаѓа од регионот на Западен Балкан кој е надвор од Европската Унија, наведува „Политико“.

Според Мајда Руге, постар политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи тинк-тенк од Берлин, Шекеринска е идеален кандидат за позицијата.
„За позицијата заменик генерален секретар на НАТО ќе треба искусна личност која е високо компетентна, има храброст, има изграден став за Русија и исто така ги разбира предизвиците во Западен Балкан. Радмила Шекеринска совршено се вклопува во тој профил“, вели Руге, која својата професионална кариера ја има посветено на прашања поврзани со балканскиот регион.
Покрај Шекеринска, другата жена од Источна Европа која се споменува за оваа позиција е поранешната вицепремиерка и шефица на бугарската дипломатија Марија Габриел.

Како што наведува „Политико“, двете кандидатки од Македонија и Бугарија се сметаат за фаворитки, но има и други предложени кандидати чиишто биографии ги разгледува идниот генерален секретар Руте. Меѓу нив се споменува поранешниот премиер на Латвија, Кришјанис Кариш, кој беше претендент за позицијата на Руте. Според изворите на „Политико“ се очекува и Полска и Турција да предложат свои кандидати.