Рибата „dragon“ или како што кај нас ја нарекуваат риба пајак или змеј риба е една од опасностите заедно со медузите кои демнат во морето на неколку локации кои традиционално во текот на сезоната ги посетуваат туристи од регионот.
При убодот, испушта отров, предизвикувајќи силна болка.
Оваа отровна риба може да се сретне на бреговите и островите на Грција, Хрватска, Црна Гора и Албанија, а секој пат сценариото е идентично – убодот се случуваше во плиткото каде што практично е невидлива.
Се крие во песок и чакал, долга е околу 10 сантиметри и има остри црни боцки на грбните перки. Поради својот карактеристичен изглед и бои, оваа отровна риба делува како камелеон бидејќи совршено се асимилира во својата околина. Она што е важно да се наведе е дека рибата змеј, односно рибата пајак, не е предатор и не напаѓа, туку средбата со отровните боцки се случува откако ќе ја згазите, а таа инстинктивно ги активира како одбранбен механизам.
Поради оваа причина капачите се советуваат да бидат внимателни при влегување во вода, особено на плажите на кои и претходно имало убоди.
Кога ќе наидете на нејзините боцки, иако болката е интензивна, важно е да останете присебни. Најпрво, додека убодот е уште свеж, најдобро е стапалото да се натопи во топла вода, односно во вода на температура чија топлина можете да ја издржите. Овој процес се спроведува поради фактот што колку е потопла водата, толку е послаб ефектот на отровот бидејќи отровот е термолабилен.
Важно е после овој третман да добиете прва помош од лекар во форма на инјекција или антибиотици.
По убодот покрај болка се јавува и главоболка, чувство на гушење, мачнина, тешко дишење, болка во пределот на срцето, зголемено потење. Исто така, постојат некои индикации дека инфаркт може да се случи кај срцеви пациенти.
Советите на експертите од областа на морската биологија како и медицинските работници се откако ќе ве убоде змеј риба, да не го покривате местото, да го виткате со завој или да го затворате болното место.
По лекувањето, според оние кои имале средби со оваа риба, болката понекогаш продолжува и во наредните денови.
„Пред неколку години ја згазнав на Олимпик Бич во Грција, многу лошо искуство. Таа испушти многу силен отров што ме остави во несвест. Веднаш по убодот отидов кај доктор кој ми даде инекција на местото на убодот, во стапалото“, напиша Србин во група на Фејсбук посветена на Грција.
Уште полошо искуство доживеала жена чиј син згазнал на риба змеј во Јадранот.
„Мојот син имаше лошо искуство на Јадранот на 15 години. Го убоде додека ја симнуваше од јадицата, не знаеше дека тоа е таа риба… Отокот беше ужасен, болката беше неподнослива, веднаш моравме да одиме на доктор“, пишува таа./Извор:Makfax