Во својата најнова анкета, екипата на „Внимание“ во градот херој, градот на Цепенков, на Итар Пејо, градот на мајтапот, на тутуно, на мермеро, градот на карневалот, на театарот и фестивалот Чернодрински ги праша прилепчани: Дали Прилеп во јуни е повеќе град на театаро или град на тутуно? Прилепчани одговорија дека во јуни Прилеп бил појќе град на театарот.
На прашањето: „Што е појако во Прилеп – мајтапо или инаето?“, некои велат „И двете“. „Инаето е страшен овдека, ама мајтапо е појак“, вели еден млад прилепчанец. „Со прилепчанец не се излегува накрај, инаето и мајтапо му се, така, на врвно ниво“, кажува друг. „Нема инает тука, ние сме само упорна нација“, констатира една млада прилепчанка.
Додека на прашањето – Дали е точно дека ако немаш прекар не си “од Прилеп“? – една прилепчанка вели: „Мислам дека не е точно, еве јас лично немам прекар“. Ама, повеќето прилепчани велат – точно е, а еден „Појќе од вистина!“
Прилепчани одговараат и на прашањето „Кој е најпознат прилепчанец или прилепчанка во историјата?“ Победник во анкетата е – Џумерко, во јака конкуренција со Итар Пејо, Цепенков и Крали Марко!
На прашањето „Што му фали на Прилеп?“ младите прилепчани велат „Нојчен живот, појче култура, и појче народ“, „На Прилеп му фали нојчен живот, и младина му фали“, „Да биди нешто малце појче како Скопје шо е“.
На прашањето што би смениле, младите велат: „Би изградил театар“, „Појќе локали за ноќна музика“, „Кино да има, пошто имаме ама не функционира реално“.
На прашањето кој е најјакиот прекар што го чуле, прилепчани дадоа јаки примери за прилепскио мајтап: „Жилето, го викале жилето, затоа што бил метро и жилет“; „Чошо – оти се вика Ивица!“; „Голомаде!!!“