22.8 C
Скопје
27. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Номиниран јавен обвинител за следење на предметите од омраза и дискриминација во ОЈО Скопје

Врз основа на заклучоците од средбата одржана на 20.05.2024 година со претставници од невладиниот сектор, Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски донесе одлука да номинира еден јавен обвинител од ОЈО Скопје задолжен да го следи постапувањето во предметите за кривични дела од омраза и дискриминација.

Номинирањето на јавната обвинителка Емилија Мизо Димков е на првична иницијатива од КВИР Центар Скопје – Здружението за сексуални и родови малцинства во Република Северна Македонија, кое најави дека во следниот период ќе иницира формирање и на мрежа од невладини организации за потесна соработка меѓу граѓанскиот сектор и јавното обвинителство во постапувањето по предметите за кривични дела од омраза и дискриминација, за што е најавена поддршка и од Советот на Европа.

Номинираната јавна обвинителка ќе има надлежност да го следи постапувањето во предметите и да остварува контакт со пријавителите и со невладините организации кои ги претставуваат интересите на лицата кои се јавуваат во својство на оштетени во ваквите предмети.