22.8 C
Скопје
27. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

САД: Сè уште чекаме одговор од Хамас на предлогот за прекин на огнот

Одговорот на Хамас на израелскиот предлог за прекин на огнот, претставен од американскиот претседател Џо Бајден во петокот, сè уште се чека, изјави за новинарите советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливен.

„Чекаме одговор од Хамас“ преку катарските посредници, рече Саливен, додавајќи дека директорот на ЦИА Бил Барнс ќе биде во Доха на консултации со катарските посредници за предлогот за прекин на огнот во Газа.

Катар, кој е посредник меѓу Израел и Хамас во прашањето за Газа, објави дека на Хамас му го пренел израелскиот предлог кој во три фази го отсликува предлогот на претседателот Бајден и дека сега документот е многу поблиску до позициите на двете страни.

Портпаролот на Хамас, кој е на власт во Газа од 2007 година, повтори дека не може да се согласи на каков било договор доколку Израел јасно не се обврзе на траен прекин на огнот и целосно повлекување од Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, повтори дека нема да има траен мир доколку Хамас не биде искоренет, во време кога тој се соочува со длабоки политички поделби околу предлогот на САД.

Повеќе од 36.000 луѓе загинаа во израелските напади врз Газа, според локалното Министерство за здравство, владее глад, поголемиот дел од енклавата е срамнета со земја, а се изнесени тврдења за геноцид, што Израел ги отфрла./Извор:Makfax