22.8 C
Скопје
27. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Лажни електронски „судски покани“ во име на МВР и Европол, станува збор за обид за социјален инженеринг

Од Министерството за внатрешни работи во изјава за ЦИВИЛ Медиа велат дека во последниот период во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиена електронска порака наводно во име на Министерството за внатрешни работи, во соработка со полициската канцеларија на Европол, во која во вид на повик за појавување во суд од страна на Полициска истрага кривичен оддел, во која примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела поврзани со детска порнографија, педофилија, сајбер-порнографија и сексуална трговија, кои ги нема сторено.

„МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од било која институција за спроведување на законот. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвараат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе бидат побарани“, велат од Сектор за компјутерски криминал при Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

Од Сектор за компјутерски криминал на МВР ги предупредуваат граѓаните да не отвараат линкови и датотеки кои се испратени во прилог на е-маил пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на нивниот компјутерски систем од малициозен софтвер.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека не се работи за сајбер напад односно истиот претставува обид за социјален инженеринг, со цел да се извлечат лични податоци од потенцијалните жртви.

„Воедно, сторителите користат VPN сервиси со цел прикривање на своите траги“, велат од МВР за ЦИВИЛ Медиа.

Дехран Муратов

Извор: Civilmedia.mk