23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Санчез: Шпанија ја признава Палестина во границите од 1967 година

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека неговата земја ја признава државата Палестина во границите од 1967 година во согласност со меѓународното право и историската правда.

„Шпанија ќе го усвои официјалното признавање на државата Палестина на денешниот министерски состанок“, рече Санчез во телевизиско обраќање од зградата на владата во Мадрид.

Тој истакна дека ова им се придружува на повеќе од 140 земји во светот, кои ја признаваат Палестина како држава.

„Ова е историска одлука, која има една цел, а тоа е да придонесе Израелците и Палестинците да постигнат мир“, рече Санчез. „Признавањето на државата Палестина не е само прашање на историска правда, со легитимните аспирации на палестинскиот народ, туку и неопходност доколку сите заедно сакаме да постигнеме мир“, додаде тој.

Тој нагласи дека тоа е единствениот начин да се напредува кон решение со две држави, „што сите го сметаме за единствено“.

„Палестинска држава, која живее заедно со државата Израел во мир и безбедност“, објасни тој. Тој смета дека државата Палестина треба да биде одржлива „со Западниот Брег и Појасот Газа поврзани со коридор и источен Ерусалим како главен град“. „Обединети под легитимната влада на палестинската национална самоуправа“, изјави тој.

Тој рече дека не зависи од Шпанија да ги одредува границите на другите земји, туку дека мисијата на Мадрид е „целосно усогласена“ со резолуциите 242 и 338 на Советот за безбедност на Обединетите нации, како и со позицијата што традиционално ја има Европската Унија.

„Затоа нема да признаеме промени на граничните линии од 1967 година, кои не беа договорени меѓу страните“, нагласи тој, а тоа се однесува на Појасот Газа и Западниот Брег, кои припаѓаат на палестинската управа.

„Признавањето на Палестина не го усвојуваме против никого, особено не против Израел, пријателска нација што ја почитуваме и со која сакаме да имаме најдобри можни односи“, додаде тој.

Санчез повтори дека Шпанија од самиот почеток го осудува „терористичкиот напад“ на Хамас во октомври./Извор:Makfax