Скопје утре ќе биде домаќин на уникатен музички спектакл! Со почеток во 20 часот, платото пред УКИМ ќе се трансформира во музичка сцена по повод настаните околу Денот на Европа, поточно концертот организиран од Јуроп хаус под наслов „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“.
Оваа музичка вечер ќе понуди незаборавно патување низ времето, каде што старите македонски хитови ќе добијат свежо и модерно руво, и тоа преку изведбите на актуелните млади бендови како „Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, „Сетстат“ и Марија Каева и „Ретро кабаре“. За дополнителна забава ќе се погрижат и диџеј Гоце и ЛД Пистолеро.
Концертот ќе биде воден од легендарниот радиоводител Драган Б. Костиќ, кој за време на концертот, во негов уникатен стил, ќе ги најавува новите аранжмани на старите хитови од познатите „Бастион“, „Леб и сол“, Маја Оџаклиевска, „Балкан експрес“, Драган Каранфиловски-Бојс, Ерзана, Нина Спирова и многу други, а публиката ќе има можност да ужива во едно несекојдневно мултимедијално искуство.
Почнувајќи од 18 часот, посетителите ќе имаат можност да ги посетат и книжевниот саем, винил поп-ап продавниците и гастрономскиот дел, кои ќе бидат дел од настанот и ќе служат како вовед и загревање за главниот настан што ќе почне во 20 часот.
Организаторите ветуваат вечер исполнета со култура и забава: „Целта на овој настан е да се вратиме низ времето и да се потсетиме на убавите мелодии од минатото преку преработки во различни стилови“, изјавуваат од Јуроп хаус. „Ова е можност што не се пропушта. Доаѓајте утре на платото на УКИМ, да уживаме заедно во музиката и спојот на старото со новото. Ве очекуваме!“, додаваат организаторите.
Едно е сигурно. Утре, во срцето на Скопје ве очекува вечер полна со музика, култура и забава, затоа не пропуштајте да бидете дел од овој уникатен настан и да уживате во комбинацијата на традицијата и современоста.