22.8 C
Скопје
27. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Катарскиот премиер: Преговорите за прекин на огнот во Газа се во ќор-сокак

Разговорите за прекинот на огнот во Газа дојдоа во ќор-сокак поради израелските операции во Рафа, изјави денеска катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани.

Израелските операции во Рафа, кои почнаа овој месец, го затворија главниот влез за хуманитарна помош од Египет до Појасот Газа. Хуманитарните организации предупредуваат дека тоа ја влоши и онака лошата ситуација во палестинската енклава.

„Особено во последните недели видовме дека се постигнува моментум, но, за жал, работите не тргнаа во добра насока и сега сме речиси во ќор-сокак. Се разбира, она што се случи со Рафа нè врати назад“, рече шеикот Мохамед на економскиот форум во Доха.

Катарскиот премиер најави дека Доха ќе продолжи да работи на изнаоѓање решение за мир во Газа. Неговата земја е посредник меѓу палестинското милитантно движење Хамас и Израел.

Шеикот Мохамед рече дека главното несогласување меѓу двете страни е ослободувањето на заложниците и прекинот на борбите.

„Едната страна сака да ги прекине борбите и потоа да зборува за заложници, а другата сака заложници и продолжување на војната. Сѐ додека не се најде заеднички јазик меѓу тие две позиции, нема да дојдеме до решение“, изјави катарскиот лидер./Извор:Makfax