18.8 C
Скопје
16. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија за нашите деца и внуци

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, испрати порака со оддавање почит и слава кон делото на македонскиот револуционер, идеолог и учител, инспираторот и водачот на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев, во која вели:

„Денеска, кога чествуваме 121 година од смртта на големиот македонски револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, треба да се потсетиме на неговата идеја за културен натпревар меѓу народите. Во време кога во повеќе делови на Европа и светот беснеат војни, Гоцевите зборови делуваат како отрезнувачка порака за човештвото.” – истакна Ковачевски.

Претседателот на СДСМ, Ковачевски, посочи дека борбата на Делчев за слободна и независна македонска држава ќе остане вечен паметник за жртвата што ја дале тој и неговите современици.

„Нашата борба денеска, повеќе од еден век подоцна, е за Македонија која ќе биде дел од Европската Унија, држава со европски животен стандард и европски вредности.” – посочи Ковачевски.

Осврнувајќи се на аманетот кој го имаат оставено револуционерите низ македонската историја, Ковачевски посочи: „Како што Делчев и Илинденците не се откажале од нивната борба, така и ние не треба да се откажеме од нашата борба за подобра Македонија за нашите деца и внуци. Само ако успееме да изградиме почитувана, достоинствена и просперитетна држава ќе ја заслужиме почитта на следните генерации.” – рече Ковачевски.