„Јас со сигурност тврдам дека тоа што го нудиме на овие избори е далеку подобро од целата политичка понуда која што е на располагање на граѓаните. Затоа што ако ја гледате парламентарната кампања во суштина нема понуда за граѓаните, туку има празни зборови“ – изјави во утринското гостување во Слободен печат, потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
Тој дополни дека и од опозицијата и другите партии, единствена е понудата дали во албанскиот спектар, дали во македонскиот спектар, а тоа е национализам и кој ќе биде што поголем националист.
„Мислам дека на граѓаните им е сосема јасно дека животот, квалитетот на живот не се подобрува со национализам, туку се подобрува со патриотизам, а патриотизам се покажува на дела а не во празни зборови. Ако ги споредите програмите на политичките партии јасно е видливо дека ако опозициската партија важела за партија која испорачува, нивната програма е штура, недоволно јасна, недоволно прецизна. Не драги мои сограѓани, они не знаат како тоа треба да се направи“ – рече Битиќи
Битиќи дополни дека се радува дека е претставник на политичка партија која што стана партија на исполнување на ветувањата, наспроти една партија која што беше позната на спроведување на работите и потоа стана партија на „Ќе“.
„Така да ги сменивме улогите, ВМРО е партијата на „Ќе“ . Ќе продолжи најверојатно да им кажува на граѓаните ќе видиме што и како ќе се случува. Ние имаме јасна политичка понуда, имаме јасна енергија која се гледа во целата програма што е понудена затоа што е поставена на здрава основа и реално лесно е за спроведување во наредните 4 години“ – заклучи Битиќи.