24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Пендаровски: На 8 мај имајте ги предвид иднината на вашите деца и младите

„Оставете ги партиските поделби, оставете ги етничките поделби, размислувајте како родител, размислувајте како поединец, размислувајте како приватник, размислувајте како човек. Дали би му дале верба на некого кој вели дека сите договори кои ни донесоа мир и не вратија во заедницата на цивилизирани нации и држави, треба да ги смениме, да им направиме ревизија и да донесеме нешто што никој жив не знае што може да биде и со какви ефекти ќе биде“, им порача на тетовчани вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Во оваа насока тој посочи дека наместо државата да се враќа во мрачното минато, во периодот од 2006-та до 2017-та година, треба да се фокусираме на економијата, бидејќи од тоа зависи дали децата ќе ни останат покрај нас или ќе бараат подобра иднина надвор од татковината.

„Невозможно е најголемиот дел од македонските граѓани да не ја препознае рационалноста на ова што го зборувам. Ме прашувате за било кој договор, јас имам одговор – тој договор е добар, овој договор е добар, ова е добро, ова е лошо. Тие немаат одговор. Три пати ги прашуваш, вели ќе направам тим од експерти, па со помош на странски експерти, па Совет на Европа, Венецијанска Комисија и по некое време, после неколку месеци…Кога бирате претседател, премиер, министер – тој мора од првиот ден да делува и да носи одлуки, а не допрва да собира експерти. Ти ако не знаеш сега што треба да направиш во однос на Рамковниот договор, Преспанскиот договор, Европската преговарачка рамка, ако допрва бараш помош од стручни експерти од странство и од дома, немој да се пријавуваш за претседател“, додаде Пендаровски.

Повикувајќи ги граѓаните на Тетово на 8 мај да го заокружат бројот 1, Пендаровски потенцираше дека на денот на гласањето треба да ги имаат предвид интересите на нивните деца и внуци, нивните лични и интересите на семејството.