Министерството за финансии во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност, денеска ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седница со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки. При тоа заклучи во понеделник на нова седница да разгледа Извештај од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.
Истовремено, Министерството за финансии врз основа на добиеното известување од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување, која е регулатор на осигурителниот сектор, денеска се обрати и до Комисијата за заштита на конкуренцијата, со цел да се испита дали се прекршени правилата на фер и конкурентно однесување, а согласно oдредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.
Имено, Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од страна на Владата на Република Северна Македонија согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот (Службен Весник на Република Македонија бр. 88/05, 70/06, 81/08, 47/11, 135/11, 112/14 и 145/15) ја сочинуваат членови од Министерството за финансии, Националното биро за осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, е надлежна за утврдување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица. Односно утврдување на премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која се состои од техничка премија, која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата и дел на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци) што гг утврдуваат осигурителните друштва самостојно со посебна одлука на Друштвото за осигурување.
При тоа посочуваме дека техничката премија којашто е дел од премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата, останува непроменета. Со донесените одлуки од страна на осигурителните друштва, кои се доставени до Агенцијата за супервизија на осигурувањето на 23 април 2024 година, а со примена од 25 април 2024 година, е извршена корекција на цената во делот на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци).
Министерството за финансии беше информирано во текот на вчерашниот ден од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како регулатор на осигурителниот пазар во земјата, дека мнозинството друштва за осигурување донеле одлуки и доставиле известување до Агенцијата за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност на 23 април 2024 година со примена од 25 април 2024 година, а со интервенција во делот на премијата за вршење на дејноста осигурување (режиските трошоци) кои осигурителните друштва самостојно ја утврдуваат.
Министерството за финансии со цел транспарентност и предвидливост на процесите во своето работење практикува инклузивен пристап и кооперативност со засегнатите страни при донесување на одлуките.