24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Потребно ни е обединето општество, една од моите заложби беше намалувањето на јазот меѓу етничките заедници

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва во предизборното соочување на националниот јавен сервис – Македонска телевизија на седуммината кандидати за претседатели потенцираше дека за жал сè уште живееме во поделено општество и дека една од неговите заложби беше да се обиде да го намали овој јаз кој постои со години.

„Едно време постоеше огромен јаз меѓу етничките заедници, особено меѓу Македонците и Албанците. Во изминативе 10, 15 години постои јаз меѓу самите Македонци, меѓутоа за жал во тој дел, дел од луѓето не беа подготвени да го направат тој чекор, едни кон други, а еден дел од нив беа инструирани од политичките субјекти да не го прават тоа. Можам да кажам дека во тој дел ни претстои огромна работа, кој било да е претседател во следните пет години затоа што поделено општество по дефиниција не може да ги користи сите потенцијали кои му се на располагање. Само со солидарност едни кон други, само со користење на клучниот потенцијал на 1.8 милиони луѓе кои живеат во Македонија може да напредуваме. Сè друго е заблуда“, рече Пендаровски и додаде дека ако се исклучи една категорија на луѓе, односно припадници на една политичка партија или по кој било основ не може да се напредува.