23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: Решен децениски проблем со безбедноста на сообраќајот на улицата ,,Наум Наумовски Борче”

Општина Центар ја отстрани рампата на улицата „Наум Наумовски Борче” кај хотел Дувет, на раскрсницата помеѓу „Ленинова” и „Партизанска” која претставуваше проблем и пречка за функционирање на сите учесници во сообраќајот.

Со овој потег општината го реши деценискиот проблем на барање на жителите, по поднесена петиција во која се потпишаа 327 граѓани. Ова е направено во согласност со ДУП-от и за овој зафат се добиени потребните дозволи од сите надлежни институции.

На улицата се поставени столпчиња за безбедност во сообраќајот и за влегувањето на возилата во подземните гаражи. Со овој зафат се обезбедува пристапна зона која ќе биде проодна и безбедна за граѓаните.

,,Конечно го решаваме долгогодишниот проблем на ваше барање. Улицата станува безбедна за пешаците и за вас жителите. На овој потег постојано се случуваа сообраќајни незгоди и затоа ова моравме да го направиме. Со вадењето на рампата воедно и ја ослободивме улицата од сите пречки поради кои имаше проблеми”, им се обрати Герасимовски на собраните жители.

Општина Центар известува дека улицата ќе биде двонасочна, во широчина од 7 метри, по 3.5 од секоја страна, ќе се отстрани страничната урбана опрема и ќе се намалат надворешните тераси на угостителските објекти долж улицата „Наум Наумовски Борче”.

Со ова исто така ќе се оневозможи дивото паркирање на улицата што претходно претставуваше проблем за пешаците.