19.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска: Универзална сала продолжува со реконструкција и ќе биде готова во предвидениот рок

„Сакам да испратам порака на оние кои Универзална сала ја имаа во владение, имаа готов проект и обезбедени пари од страна на Владата, а немаа капацитет да направат ништо дека: Универзална сала продолжува со реконструкција и ќе биде готова во предвидениот рок, а Министерство за култура останува инвеститор“ изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција, реагирајќи за обвинувањата изнесени од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Таа додаде дека Министерството помина тежок пат за да дојде до проектот и до преземањето на Универзална сала од Град Скопје и дека прави се за да ја врати салата на граѓаните функционална.

„Многу е тешко да се соработува со некој кој, како што изгледа, нема намера да придонесува за доброто на градот. Дали изборите ја имаат понесено госпоѓа Данела Арсовска па мисли дека вака се добиваат гласови, не можам да тврдам, можам само да претпоставам. Но едно е јасно после нејзиниот вчерашен настап, дека и покрај сè, госпоѓа Арсовска никогаш не излегла од белиот капут“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека проектот, кој сега Арсовска го оспорува, има добиено позитивни мислења од сите институции и ревиденти како и од ИЗИИС кој го оцена проектот како безбеден и притоа тие документи и мислења се прибавени од Град Скопје, а не од Министерството.

„Сакам да ја потсетам градоначалничката дека сите одлуки кои се поврзани со имотот на Град Скопје се одлуки кои ги носи Советот, односно советниците, а не лично нејзини. Во таа насока нејзиното барање за еднострано раскинување на Договорот, кое вчера пристигна до мојот Кабинет, не може да има никакво правно дејство, бидејќи истото треба да биде донесено од страна на Советот на Град Скопје“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката додаде дека доколку Советот одлучи да го раскини договорот со Министерството за култура, Градот ќе мора да ги врати сите средства кои се вложени од државниот буџет.

„Нема да дозволувам користење на Универзална сала за дневно политички цели ниту пак да биде тема во изборната кампања на Арсовска, за нејзино појавување медиумско“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Спонзорирано: