Да се залагате за концепт кој искуствено и неминовно ќе резултира со внатрешни тензии, значи дека ќе направите двојна блокада на евро-интеграцискиот процес.
Тони ПОПОВСКИ
Силно и борбено, односно револуционерно прозвучува повикот на Силјановска – Давкова дека е време за четврти Илинден и за четврта македонска република, република од народот и за народот.
Истовремено, кандидатката за Претседател на Републиката треба да ја појасни „револуционерната“ супстанца, односно кои би биле карактеристиките на четвртата македонска република наспроти сегашнава – трета македонска република, создадена со осамостојувањето од југословенската федерација, после Крушевската – илинденската, и АСНОМ-ската република. Како ја замислува четвртата македонска република? Дали кандидатката и партијата од која произлегува се залага за внатрешно преуредување на државата на начин кој би резултирал со доволно видоизменет уставен поредок во споредба со постоечкиот, за да добиеме стварност на „нова република“? И не помалку значајно, кога говори за република од и за народот, претпоставка е дека мисли на македонскиот народ, но во Републиката живеат и делови на други народи. Последново и со надеж дека не мисли на република само од и за „политичкиот“ народ на партијата која ја поддржува.
Оваа еволуција и нумерирање на републиките е најтипично за Франција. Тековната петта Француска Република е основана на 4 октомври 1958 година од страна на Шарл де Гол. Клучна одлика на „новата република“ беше замената на претходната – парламентарна република, критикувана поради нефункционалност и крупни потешкотии да се оствари продуктивен партиски консензус, со полупретседателски систем. Шарл де Гол, кој беше првиот француски претседател избран за време на петтата република во декември 1958 година, веруваше во поредок со силен шеф на држава, опишувајќи го како олицетворение на l’esprit de la nation („духот на нацијата“). Секоја случајност со „мајката на нацијата“ како што ВМРО – ДПМНЕ ја портретира Силјановска-Давкова е случајна, сѐ додека не се докаже спротивното, иако барем до овој момент не прочитавме или слушнавме експлицитни залагање за премин кон полупретседателски систем. Друга можност, еден уставен експерт кај нас да овековечи сопствен отпечаток врз поредокот, е третава наша република да ја трансформира во типична граѓанска република, ослободена од етнички именувања за тоа кому припаѓа, односно дека им припаѓа на сите граѓани без да се наведува и подредува нивното етничко потекло. Ова би значело да се отстрани македонскиот народ заедно со именуваните делови на други народи од преамбулата на Уставот, рефлектирајќи и на други постоечки уставни одредби кои во моментов целат да се превенира мајоризација на најголемата етничка заедница врз помалите.
Овие размисли за видоизменување на поредокот и карактерот на Републиката, не се појавуваат за прв пат на овие избори, и биле предмет на дебата и во минатото. Бришењето на македонскиот народ од преамбулата барем до овој момент било оценето од политичките елити на Македонците како неприкладно, особено во услови на витални проекти за големи национални светови во нашето опкружување, но и поради фактот дека третата македонска република поради самостојноста е онаа „целисходната“, а во која е нагласено дека му припаѓа на македонскиот народ, покрај делови на другите народи.
Истовремено помалите етнички заедници кај нас изразуваат скепса за двата алтернативни модели, повторно поради ризикот од мајоризација. Наспроти овие модели, како контрапункт, одредени политичари меѓу Албанците заговарале и заговараат понагласена политичка регионализација, облици на двостепеност, па и федерализација.
Имајќи го сето ова во предвид, легитимно прашање е дали навистина е неопходно на овие избори да ја отвориме „Пандорината кутија“ која ја затворивме со Охридскиот рамковен договор, односно како што бара Силјановска-Давкова, да се спротивставиме на „етнократијата“ и да ја вратиме (не-консезуалната) демократија. Во ваква или императивно поинаква демократија, секој треба да има слобода на говор и слободно да се изрази но претендентите за владеење кога нудат “револуционерни“ промени па макар и преку враќање назад на пред-рамковно време, чесно е да кажат и на кој начин планираат да управуваат со поврзани ризици по внатрешната стабилност на Републиката. Овие внатрешни напрегања во минатото, имаа цена, не само во човечки животи туку и во блокирана евроинтеграциска перспектива, и тоа во момент кога Бугарија непречено исчекори и се зачлени во ЕУ. Да се залагате за концепт кој искуствено и неминовно ќе резултира со внатрешни тензии, значи дека ќе направите двојна блокада на евро-интеграцискиот процес.
Од друга страна, четвртиот Илинден и создавањето на четвртата македонска република е на хоризонтот (2030), со зачленувањето во Европската унија. Определбата за пристапување кон ЕУ ја споделуваат три – четвртини од граѓаните на третата македонска република. Пристапувањето не е автоматскo, бидејќи зависи од соодветната подготовка на засегнатата земја апликант и од капацитетот на ЕУ да ја интегрира новата членка. Според тоа, постои претпристапен период, за време на кој земјата кандидат ги прилагодува своите институции, стандарди и инфраструктура за да ги исполни своите обврски како земја-членка. Токму ова прилагодување е од „револуционерна“ трансформациска природа и затоа, само на зачленетата македонска република во ЕУ, може да и се даде атрибутот на четврта република.
За крај и едно резиме на клучните трансформациски одлики на четвртата македонска република, доколку ДПМНЕ дозволи да се зачлениме во ЕУ.
Земјите-членки на ЕУ придонесуваат за буџетот на ЕУ, ги почитуваат законите на ЕУ и гласаат за избор на функционери во нејзините институции. Со тесна соработка и воспоставување на некои наднационални политики, земјите-членки уживаат економски, политички и безбедносни придобивки. ЕУ претставува единствен пазар односно економска зона дизајнирана да функционира со еден сет на регулативи и без внатрешни трговски бариери. Во границите на ЕУ, работниците, стоките, капиталот и услугите се движат слободно. Стоките и услугите се поевтини кога ќе се елиминираат граничните контроли, се укинуваат трговските бариери и мора да се исполни само еден збир на прописи. ЕУ преговара за трговски договори како блок, давајќи им на европските земји поголемо влијание кога работат со поголемите економии. Монетарната политика и трговијата се исклучиво под контрола на ЕУ. Дваесет земји во ЕУ користат единствена валута, еврото, која најдиректно (меѓу останатото) суштински го поттикнува туризмот. Не последно, но многу значајно е дека за посиромашните земји во ЕУ е овозможено полесно да позајмуваат пари, бидејќи тие не треба да се грижат за флуктуациите на девизниот курс, а за нив ЕУ обезбедува значително директно финансирање за јавни инвестициски проекти и земјоделски субвенции. ЕУ ја контролира и зоната за патувања без визи, наречена Шенген зона. Одлуките за одбраната и безбедноста се споделуваат меѓу ЕУ и националните влади.
Затоа, ако сакаме да создадеме четврта македонска република како споредбено многу подобро место за живеење, треба заедно да го изодиме европскиот пат до полноправно членство.
Тони ПОПОВСКИ
Извор: Racin.mk