23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

АмЧам ги презентираше своите стратешки позиции пред политичките партии

Одборот на директори на Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) денеска одржа состанок со претставници на политички партии, пред кои ги презентираше приоритетните области и препораките за периодот 2024-2028 год.

На средбата се потенцираше заложбата за што побрза интеграција со Единствениот пазар на ЕУ заради целосно искористување на можностите што тој ги нуди. Со цел да се добие добра основа за интеграција во Единствениот пазар во периодот 2024-2028, претстојната стратегија на државата треба да има двостран фокус: развој на функционален деловен екосистем на внатрешен план и продлабочување на регионалните врски на надворешен план за да се создаде взаемно поврзан регионален пазар.

На политичките партии, како важен чинител во креирањето на јавните политики, им беа презентирани главните препораки на АмЧам со фокус на економскиот развој, предвидливоста на деловното опкружување, дигитализацијата, здравствениот систем, човечкиот капитал и одржливоста како основни столбови на кои треба да се посвети значајно внимание.

Од страна на АмЧам, беше истакната спремноста за споделување на експертиза, поддршка и препораки во реформскиот процес што треба да го испорача развојот на економски систем кој е усогласен со ЕУ вредностите и истовремено нуди прогрес во подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Американската стопанска комора во Северна Македонија, како активен партнер на институциите, политичките партии и останатите стејкхолдери, останува подготвена за максимизирање на колективната сила во функција на поттикнување на позитивни промени, економски раст и просперитет и повикува на засилена координација меѓу корпоративниот сектор и креаторите на јавните политики.

За АмЧам Северна Македонија

Американската стопанска комора во Северна Македонија е бизнис асоцијација на повеќе од 140 членки од најразличен спектар на бизниси, од мали претпријатија и локални компании до големи странски инвеститори, кои заедно обезбедуваат вработување за повеќе од 42.000 лица и остваруваат годишен приход повисок од 9 милијарди американски долари.

Американската стопанска комора во Северна Македонија е акредитиран член на Стопанската комора на Соединетите Американски Држави и на мрежата на Американски стопански комори во Европа, организација која претставува 49 Американски стопански комори од 47 земји во Европа и Евроазија.