27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Д-р Филипче до младите во Прилеп: Борете се за тоа што заслужувате, никој нема да ви го даде на тацна

Носителот на листата на СДСМ во Изборната единица 4, неврохирургот д-р Венко Филипче денеска на средба со младите во Прилеп порача дека тој како пратеник ќе направи сè за реализирање на идеите и предлозите што ќе стигнат токму од нив.

„Од вас ќе чекам конкретни предлог решенија. Не само констатирање дека нешто не чини. Вие мора да понудите сериозни решенија, а ние ќе најдеме начин да ги реализираме. Вие треба да сте креатори на политиките кои вас ве засегаат, а ние да ве поддржиме во спроведувањето. На младите лекари секогаш им велам, тоа го заслужувате, не чекајте друг да ви го даде на тацна. Барајте го гласно. Ако наидете на затворена врата, ќе влезете преку прозор. Нема друг начин да ги остварите вашите права. Не ја пропуштајте можноста да ги водите промените“ рече д-р Филипче пред младите.

Покрај тоа, Филипче ги презентираше клучните младински политики предвидени во програмата на СДСМ што ќе значат континуирано подобрување на образовниот процес кој ќе гради млади со смели и одговорни идеи за иднината на државата и ќе ги задржи дома преку понуда на конкурентни политики за младинско вработување.
„ Една од промените што ќе ја направиме е зголемување на програмата „Гаранција за млади” која ќе биде отворена за 35.000 млади кои ќе добијат многу можности за вработување“, истакна д- Филипче.

Сакаме да ви обезбедиме стабилност и сигурност, затоа воведуваме по 200 евра во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години, додаде Филипче.
Филипче истакна дека СДСМ верува во вредноста на образованието и затоа ќе им овозможи на младите подобри услови во сите степени на образование.

„Ќе работиме на подобрување на настаните програми, но паралелно ќе се грижиме и за севкупните услови во кои младите се образуваат. Ќе создадеме подобра инфраструктура во училиштата и студентските домови, средина која ќе биде мотивирачка и инклузивна за вие да можете целосно да се посветите на вашиот развој и образовен раст“, рече Филипче.

Тој им порача на младите не постои брза приказна за успех, но постои можност со амбиција да го постигнат зацртаното.

„Многу скоро ќе дојде време кога вашите генерации ќе треба да ја преземат одговорноста во државата, затоа во вас СДСМ гледа идни носители на развој на македонското општество“, додаде Филипче.

Носителот во ИЕ 4 истакна дека СДСМ се грижи младите да ги добијат истите шанси и можности што ги имаат нивните врсници од Европската Унија преку доближување на нашето образование до европското, со програми за размена на студенти, бесплатни екскурзии и укинување на таксите за испити.

На крај тој им порача на младите да бидат толерантни едни кон други без разлика на различните определби или интереси, да бидат подготвени и за компромис, но никогаш да не го губат од вид општото добро.

„Сакам да ви порачам да бидете толерантни еден кон друг без разлика на различните определби или интереси. Младите не смее да се делат заради политика. Младоста е вашата партија. Мора да развивате политичка култура и меѓусебно да се почитувате“ – порача Филипче.