4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Направивме многу, но мора уште многу да се сработи, граѓаните заслужуваат европска иднина

Ние покажавме дека е можно да се има добар резултат, да се работи напорно за подобро утре. Дека е можно да има поголеми плати, пензии, повеќе пари кај граѓаните, дека е можно да има слобода и демократија, да има слобода на говор, дека е можно да живееме во земја која има сигурна, извесна и подобра, европска иднина – рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на денешната промоција на новата „Програма за европска иднина“ и кандидатите за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.

-Не само што е можно да се оствари ветување за просечна плата од 500 евра туку и да се надмине. 650 евра просечна плата е денешната реалност. За само кратки 6 години од 150 евра минимална плата, стигнавме до речиси 370 евра минимална плата. Вложивме 100 милиони евра со кои поддржавме 919 компании. Со оваа поддршка компаниите реализираа 500 милиони евра инвестиции. Со антикризните мерки ја оддржавме ликвидноста на компаниите, ги задржавме работните места, го заштитивме стандардот на граѓаните. Вкупно 2,6 милијарди евра преку антикризните пакети се вратија назад кај граѓаните и стопанството – истакна Ковачевски

Денес, Македонија е исто атрактивна дестинација за странски директни инвестиции. Само во 2022 имавме над 750 милиони евра странски директни инвестиции, наспроти нешто над 300 милиони пред 2016та.
Од 2017 до 2023 година Македонија има 3 милијарди евра прилив на странски директни инвестиции. И тоа е резултат на успешните економските политики и стабилното деловно опкружување кое го создадовме, но и со одлуките кои ги донесовме. Тоа беа тешки одлуки, но, благодарение на нив, ние денес сме земја членка на НАТО, со отпочати преговори со ЕУ, стабилна, просперитетна и безбедна земја. – рече Ковачевски

Можностите за економски развој и за подобар животен стандард ќе се зголемат уште повеќе со членството на Северна Македонија во ЕУ. Затоа е важно да се продолжи европскиот пат, тој нѐ носи до единствениот европски пазар од половина милијарда луѓе со што за нашите компании ќе се отворат огромни можности. Европскиот пат носи и подобар животен стандард за граѓаните, повеќе и подобра работа за компаниите, дополнителни фондови за развој на нашата економија. – истакна Ковачевски

Направивме многу, но знаеме дека има уште многу што да се сработи. Знаеме дека има уште наши сограѓани кои едвај врзуваат крај со крај, кои двојат од своето за да имаат за своите деца. Знаеме дека за нив треба да ги удвоиме напорите и да направиме да е подобро. Нашите граѓани заслужуваат подобро. – рече Ковачевски на денешната промоција на новата „Програма за европска иднина“ и кандидатите за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.