Уставниот суд го поништи член 3 став 1 точка 2 во делот „најмногу до 65-годишна возраст“ од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории граѓани.
Според член 3 став 1 точка 2 од законот, „корисници на правото на надоместок поради попреченост“ се лица со навршени 26 години, а најмногу до 65-годишна возраст, со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, во согласност со податоците од евиденцијата на центрите за социјална работа.
Од содржината на погоре наведениот член од законот произлегува дека во групата корисници на правото на надоместок поради попреченост не спаѓаат лицата над 65-годишна возраст, а со тоа овие лица се исклучени од финансиската поддршка во согласност со Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории граѓани.
Судот оцени дека со таа одредба e нарушенa темелната вредност на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на правната сигурност на граѓаните во остварувањето на правата од социјалната сфера.
Со исклучувањето на овие лица од единствената категорија корисници на правото на надоместок поради попреченост, според судот, создава и нееднаков третман помеѓу лицата што се наоѓаат во иста правна положба (сите се корисници на правото на надоместок поради попреченост), но едни може да остварат право на финансиска поддршка, а други не, и тоа исклучиво поради возраста.
Со оглед дека одлуката на Уставниот суд е поништувачка, се отвора правна можност за граѓаните со попреченост над 65 години, кои не добиле надоместок, сега да побараат да им се исплати надоместокот во изминатиот период, од кога законот е влезен во правна сила.
Во декември 2022 година Уставниот суд го укина став 2 од членот 44 од Законот за социјалната заштита, кој оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок поради попреченост.