19.8 C
Скопје
11. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Граѓаните на Скопје поблиску до Армијата, голема посетеност на армискиот Отворен ден на Воениот стадион

Граѓаните на Скопје денеска на Воениот стадион имаа можност одблиску да се запознаат со опремата и возилата на Армијата, вклучувајќи ги и новите JLTV оклопни возила. Показна вежба имаа армиските Ренџери, а претставени беа специјалните сили, баталјонот на Воената полиција, Воено-медицинскиот центар, воздухопловниот ВИНГ, армиските кучиња.

Полковникот Васил Митевски од Командата за операции истакна дека му е чест што денеска граѓаните на Скопје можат да се запознаат со дел од армиската опрема и порача дека членството во НАТО е важно од безбедносен аспект, но и во однос на соработката со сојузниците.

„За нас како Армија членството во НАТО претставува една голема можност за соработка со сите НАТО партнери со цел зголемување на нашите способности, како и способностите коишто треба да ги исполниме во НАТО Алијансата“, рече полковникот.

Отворениот ден на Армијата се организира во рамки на одбележувањето на 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата. Досега беа организирани пет отворени денови во Струмица, Кавадарци, Штип, Тетово и Прилеп, денеска армијата е и во Скопје и Охрид, а утре завршниот отворен ден е во Кичево.