Вакцините дитепер за возрасни против големата кашлица се стигнати во државата и веднаш ќе може да се ставаат, најави министерот за здравство, Илир Демири.
На прашањето дали граѓаните што имаат потреба може да одат на вакцинација, тој одговори: „Да, може, од денеска може слободно да се ставаат, има во вакциналните пунктови, може кај луѓе што имаат потреба за таков вид ревакцинација“, нагласи Демири.
Прашан кога ќе ја потпише одлуката на Комисијата за заразни болести за вакцинација на децата, тој рече дека таа е валидна и без негов потпис.
„Сега ќе ја потпишам. Комисијата е составена од експерти што носат праведни одлуки, кои се во интерес на граѓаните и во интерес на спасување животи“, потенцира Демири.
Вчера, надлежните информираа дека децата што во последните шест месеци примиле серија од три дози дитепер-вакцина се смета дека ја завршиле примоимунизацијата и може да одат во градинка, но со напомена да ја примат и ревакцината најрано шест месеци по третата доза. Комисијата за заразни болести ја дообјасни мерката со која се забранува нецелосно вакцинирани и невакцинирани деца да посетуваат градинка по многубројните реакции на родителите.