15.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+ЛОКАЛНО

Означен почетокот на овогодишните карневалски свечености во Струмица (Галерија)

Со звуци од химната на Струмичкиот карневал, со танц на струмичките мажоретки и со симболичното примопредавање на клучот на градот, денес, на балконот на Општина Струмица и пред општинската зграда, беше означен почетокот на овогодишните карневалски свечености.

Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов му го предаде клучот на градот на претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал Александар Цицимов, со што на симболичен начин им ја предаде власта и управувањето со градот на струмичките карневалисти.

На церемонијата градоначалникот Костадинов имаше свое обраќање пред присутните, во кое меѓу другото истакна: „Негувањето на вековната традиција на празнување под маски во нашиот град доживува уште едно свое продолжение, и тоа треба да не прави исклучително горди, затоа што Струмичкиот карневал сите ние го носиме во нашиот генетски код, го чувствуваме како тече низ нашите вени, а срцата ни бијат во карневалскиот ритам. За Струмичкиот карневал подолго време се знае и со респект се зборува, како на Балканот, така и во Европа и светот, па како таков неслучајно е високо позициониран на меѓународната карневалска мапа“.

Во рамките на првиот ден од карневалските свечености кои ќе траат осум дена , поставена е и изложбата на карневалски маски на СОУ „Јане Сандански“ , а за утрешната програма се предвидени: објавувањето на резултатите од конкурсот на ЛУБ „Благој Јанков – Мучето“ за најдобри литературни остварувања на тема „карневал“, концертот под маски на музичкото училиште „Боро Џони“ и отворањето на изложбата „30 години во FECC“.

Спонзорирано: