18.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Демири: Насилството врз здравствени работници е недозволиво, тоа претставува закана за грижата за пациентите

Министерот за здравство д-р Илир Демири на денешниот Европски ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, 12 Март потенцира дека насилство врз здравствен работник е недозволиво и казниво со закон.

„Здравствените работници мора да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да може да ни овозможат здравствена грижа и нега. Податоците на Лекарската комора говорат дека 78% од докторите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место, а 80% биле изложени на вербално насилство. Ова е фрапантен податок што покажува во какво општество живееме. Во општеството мора да има нула толеранција за насилство врз здравствени работници, затоа што насилството врз лекарите претставува и закана за грижата за пациентите“, вели Демири.

Минатата година се направија измени на Кривичниот законик, со што насилството врз здравствен работник при вршење на професионални работни задачи е насилство кон службено лице и претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор.

Важно е да се истакне дека лекарската комора прибира податоци за нападите врз лекарите за да може активно да го следи постапувањето на надлежните институции, но и за да предлага мерки и политики за сузбивање на насилството во здравството. Единствен начин на кој комората може да прибира податоци е доколку лекарите по пријавувањето во полиција за инцидентот ја информираат и комората.

Пријавете насилство врз лекари на официјална веб-страница на Лекарската комора: www.lkm.org.mk