14.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Да се реши правото на глас за лицата што ќе наполнат 18 години, лицата со попреченост и дијаспората, апелира Комисијата за заштита од дискриминација

Граѓаните што ќе наполнат 18 години меѓу два изборни круга на претседателските избори да може да гласаат, бара Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Од оваа институција повторија дека уште на 9 август 2021 година утврдиле директна дискриминација од страна на ДИК, како и индиректна, која произлегува од одредбите на Изборниот законик, врз основа на возраст во остварување на избирачкото право на граѓаните што помеѓу два изборни круга во претседателските избори во 2019 година наполниле 18 години.

„Овие лица, поради одредбите од Изборниот законик, не биле во можност да си го остварат уставно загарантираното право и да гласаат во вториот круг на претседателските избори. Воедно, Комисијата на 13 септември 2021 година утврди индиректна дискриминација по основ на возраст, личен статус, здравствена состојба, во областа на остварувањето на избирачкото право на граѓаните што за време на изборите се сместени во здравствени установи“, посочија од Комисијата.

Истовремено, беше потенцирано дека со измени на Изборниот законик треба да биде решено гласањето на лицата што ќе наполнат 18 години, лицата од дијаспората и сите други што не се доведени во еднаква положба со другите.

На прашањето колкав број лица досега биле дискриминирани од гласање, од Комисијата истакнаа дека не може да прецизираат за колкав број точно се работи, но дека станува збор за приближно 7.000 лица во однос на претставките што биле поднесени до Комисијата.

„Мерките на комисијата треба да обезбедат, гласачките процедури, гласачките објекти, материјали да се соодветни и пристапни за лицата со попреченост, како тие би го оствариле уставно загарантираното право на гласање“, потенцираат од комисијата.

Тие посочуваат дека иако во тековниот период Изборниот законик беше изменет за исполнување на препораките на Комисијата, до денеска не се информирани дека се направени и препорачаните измени.

Комисијата, како што беше посочено на денешната прес-конференција, за време на предизборните кампањи ќе врши засилен мониторинг на говорот на омраза и на медиумите и на социјалните мрежи.

„Граѓаните да пријавуваат вознемирувачки говор до Комисијата“, апелираа од оваа институција.