Деновиве заврши изградбата на браната Конско, најголемата инвестиција во водостопанската инфраструктура за земјоделство, значајна за наводнување на земјоделските површини во гевгелиско-валандовскиот регион .
Ова е најголемиот водостопански проект изграден во државава последниве 20 години и најголем инфарструктурен проект во последниве 50 години во гевгелискиот регион.
Изградбата започна во 2018 година, кога премиер беше Зоран Заев, кој заедно со министерот за земјоделство го означи стартот на градбата.
Со завршувањето на изградбата на оваа брана се става крај на еден децениски предизвик, со што се отвора можноста за регионален развој на југоисточниот дел од државата.
Вредноста на инвестицијата за браната Конско е 40 милиони евра, сума која што е целосно обезбедена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Со оваа брана се овозможува наводнување на нови 4.000 хектари нето земјоделски површини.
Со изградбата на браната Конско се намалуваат трошоците за производство, а од друга страна се овозможува зголемување на производството и поголема конкурентност на земјоделските производи.
Со оваа акумулација ќе се овозможи регионалниот развој и тоа од повеќе аспекти- освен чиста вода за наводнување на земјоделските површини, ова е можност за туризмот, за развој на риболовот и на голем број други пропратни активности.
Браната Конско подразбира и ново вештачко езеро-акумулација и нов систем за наводнување со кој се опфатени околу 6.500 хектари земјоделски површини, со што наводнуваните земјоделски површини се зголемуваат за пет пати.
Со браната се обезбедува потребната вода за наводнување во текот на целата година. Тоа значи помали трошоци и поконкурентно земјоделско производство, а влијаеме и на вкупниот развој на економијата во овој крај, бидејќи акумулацијата ќе се користи и за развој на руралниот туризам, за спортски и рекреативен риболов.
Освен тоа, браната добива нова додадена вредност, бидејќи со грант од Кралството Шпанија, предвидена е изградба на пловечки фотоволтаици со што ќе се намали цената на водата за наводнување, а ќе се зголеми енергатската независност на државата. Планирани се и 2 мали хидро централи во рамките на хидросистемот, бидејќи ова е единствениот водостопански објект кој веднаш по завршувањето на браната започнува и со градба на хидросистем за наводнување.