15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Жените на Блискиот Исток и Северна Африка управуваат со помалку од 5 отсто од компаниите

Помалку од 5 проценти од компаниите на Блискиот Исток и Северна Африка имаат жени на извршни позиции, така што Унијата за Медитеранот и Асоцијацијата на арапски банки организираа конференција со цел зајакнување на улогата на жените во светот на бизнисот.

Конференцијата се одржа вчера во главниот град на Египет, Каиро, пред Меѓународниот ден на жената. Се состоеше од шест панел дискусии и награди за иновативни „старт-ап“ компании водени од жени.

„Нашиот собир во Каиро не е прослава, туку повик за акција“, рече Насер Камел, генерален секретар на Унијата за Медитеранот, организација од 43 нации.

Камел, египетски дипломат, рече дека во регионот на Блискиот Исток и Африка (МЕНА) има забележлива разлика во положбата на мажите и жените, особено во финансискиот сектор. „Помалку од 5 отсто од деловните субјекти се раководени од жени, што е значително под светскиот просек од 23 до 26 отсто“, рече тој.

„Затоа, постои итна потреба да се вклучат жените на пазарот на трудот, а тоа е токму во срцето на нашата мисија“, додаде Камел. Освен Унијата за Медитеранот, чие седиште е во Барселона, на чело има маж и Унијата на арапски банки. Нејзиниот генерален секретар, Фатух Висам, рече дека тие работат „посветено на намалување на родовиот јаз во финансискиот сектор“ на Блискиот Исток и Северна Африка.

„Сакаме да ја зајакнеме средината за жените и да го отвориме патот за успешен развој на бизнисот“, рече Висам.

Мона Фатух од Conyworld (Египет) ја освои првата награда од 1000 долари за иновативни стартапи на натпреварот организиран од MENA Women Business Club, иницијатива покрената од Унијата за Медитеранот и Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации (UNIDO) 2021 година.

Оваа иницијатива го олеснува пристапот до широка мрежа на претприемачи, адвокати, консултанти, директори и инвеститори.

Гвадалуна Чаер од LUXEED Robotics (Либан) освои 750 долари на второто место, додека Фела Бути од Екоташира (Алжир) освои 500 долари.

Сите три жени ќе имаат можност да учествуваат и во иновативната бизнис програма „Plug and Play“ во Египет или Мароко.