19. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАвест

8 Март: Жената е украс!?

8 Март: Жената е украс!?

ЏАБИР ДЕРАЛА
Жените се маргинализирани е постојана мантра на најразлични форуми. А жената е застапена со мнозинство на планетата! Како тоа, мнозинството да биде маргинализирано!? Кој е виновен за оваа позиција на жената во светот, а особено во патријархални општества како балканските (и македонското)? Одговорот на ова прашање не е лесен, но е очигледен.

Политички и општествени лидери и носители на одлуки, креатори на политики и практики, политичари и газди, па и интелектуалци и опинион мејкери – кога сакаат да се додворат на јавноста или на женското гласачко тело, а секако и да си го подобрат рејтингот меѓу два изборни процеси – ја нарекуваат жената СТОЛБ. Па потоа се раслојуваат во: СТОЛБ на семејството, СТОЛБ на општеството, СТОЛБ на родителската грижа, СТОЛБ на (некои) промени… Понатаму, тие се и УКРАС! Да, некои политичари и јавни личности редовно ја истакнуваат УКРАСНАТА УЛОГА НА ЖЕНАТА.

Сите што ја нарекуваат жената столб на сенешто, всушност, се дел од дискриминаторскиот однос кон жената и никогаш не направиле ништо да ја променат состојбата.

Невидливи се интелектуалците и граѓанските организации кои искрено и доследно ги детектираат односите во општеството и правната, политичката и економската потчинетост на жената. Нивните документи за политики и препораките, нивните јавни повици – остануваат неслушнати. Наместо тоа, пред камерите дефилираат опортунисти и профитери и седат во форумите каде што се креираат политики и се носат одлуки.

Кога нема да биде чудно да им честитаме 8 Март на сите луѓе, вклучувајќи ги хетеросексуалните мажи, рамноправноста ќе биде постигната. Кога прогресивните мажи, инаку газди, шефови, претседатели на разни форуми и институции, политички лидери и функционери нема „да се придружуваат“ на борбата за рамноправност, правична застапеност и недискриминација, туку ќе поведуваат акција, заедно со жените или и независно – тогаш сме победиле во вековната борба.

(Ова се однесува и на почитувањето на различностите во меѓуетничките и меѓуверските односи, во односот кон ЛГБТ+ заедниците, социјално и политички маргинализираните заедници – сите.)

Во ера кога децата се раѓаат и од епрувети или со ин-витро и низа други начини, кога технолошките компании работат на проекти за „производство“ на роботи со Вештачка интелигенција кои може да бидат и деца, популистите и десничарите ширум светот (и кај нас) сè уште си даваат право да го забрануваат абортусот.

Жената во јавната комуникација е мета на говор на омраза, понижување и дискредитација. И не само тоа – жената е мета на насилството и сексуалното насилство. Во војна, жената е мета на агресорите, бидејќи силувањето и сексуалното злоставување и понижување се оружје на војната. Во мирнодопски услови, никако не стивнува фемицидот.

Во економијата, јавниот живот и политиката, насекаде – жената е „признаена“ и „охрабрена“ да преземе поголема улога. Но! Има едно големо но!

Сите односи во општеството, институциите и државата се подредени на „машкиот“ начин на размислување, носење одлуки и дејствување. Тоа е како да изградите куќа на карпест рид, оградена со бодликави жици, со насипи полни со крокодили и тешки порти – и да кажете дека чекате гости.

И ова е само мал дел на врвот на сантата. Можеби некој не разбра или не сакаше да ги разбере овие редови, но реалноста е таа: жената несомнено е жртва на патријархалните, конзервативните и радикалните структури, но истовремено е жртва и на опортунизмот и лицемерието на „прогресивниот“ дел од општеството. Со ретки и неслушнати исклучоци.

ЏАБИР ДЕРАЛА

Текстот е личен став на Авторот.

Извор: Civilmedia.mk

Можеби ќе ве интересира

Сите гласови од немоќните, болните и затворениците се запечатени во посебни коверти и гласачка кутија, истата се отпечатува дури во недела во 19 часот кога ќе бидат затворени гласачките места низ Републиката

ДЕСК

Утре се слави Светиот апостол Тома

ДЕСК

Закани кон членови на Избирачки одбори и вработени од кандидат за градоначалник – обвинува политичка партија

ДЕСК