Портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехмедовиќ во изјава за медиумите информираше дека има 123 лица заболени со пертусис, од коишто доминантно најголем број 109 лица се од Скопје.
„Оправданоста на епидемијата којашто е прогласена во градот Скопје уште еднаш се потврдува и со последниот извештај од Институтот за јавно здравје. Спорадично имаме појава на по еден случај од Тетово, Дебар и Струмица, меѓутоа се’ уште не можеме да кажеме дека состојбата се разгорува на национално ниво, што е добро. Од 18.01 до 29.02.2024 година по препорака на Комисијата за заразни болести а по наредба на Министерството за здравство работат вакциналните пунктови во Скопје во две смени, и аплицирани се вкупно 22.395 вакцини. Заклучокот е дека вакцинацијата се одвива добро и дека ќе продолжи со истото темпо. На граѓаните посебно на родителите ќе им бидат достапни овие вакцинални пунктови и во иднина“, рече Мехмедовиќ.
Тој истакна дека она што Комисијата реши да го препорача е да се засили инспекцискиот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат на територијата на град Скопје, со цел да може навистина да се види состојбата во градинките и да се добие пореална слика за тоа каква е состојбата во градинките со вакцинирани и невакцинирани деца, дали се почитува доследно препораката на Комисијата за заразни болести за тоа да не се примаат нецелосно вакцинирани и невакцинирани деца во градинките.
„Следната препорака беше да се овозможи тестирање на територијата на целата држава за пертусис коешто ќе биде спроведувано од Центрите за јавно здравје. Досега таква можност немаше, во другите градови претежно се работеше микробиолошко култивирање коешто е поврзано со изолацијата на пертусисот, меѓутоа сега да се овозможи и ПЦР технологија која ќе биде достапна и на останатите граѓани во државата, за да можат нивните материјали да се обработуваат во локалните Центри за јавно здравје“, посочи Мехмедовиќ.
Мехмедовиќ изјави дека следната препорака се однесува на дигиталната евиденција за вакцинација на децата.
„Комисијата за заразни болести донесе одлука да препорача во вакциналните пунктови евиденцијата која се води дигитално да биде задолжителна, со цел да имаме реално и подобар преглед за податоците на децата кои се вакцинираат. Во однос на останатите препораки кои се разгледани, беше разговарано и за тоа дали е завршено со набавката или до каде е набавката на вакцините за возрасни. Знаете дека Комисијата донесе препораки за вакцинирање на возрасни. Информацијата која што ја добивме од Комитетот за имунизација е дека на 15 март се очекува да пристигнат првите вакцини коишто ќе бидат наменети за возрасни“, рече Мехмедовиќ.