Со воведувањето на грантовите од 10.000 евра, малите семејни винарии го модернизираат производството и активно учествуваат во развојот на лозарството и винарството, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, при денешната посета на винаријата „Брзанов“, во скопско Трубарево. Оваа винарија грантот од 10.000 евра за набавка на опрема, модернизирање на целиот процес за производство на квалитетно и конкурентно вино.
„Го отворивме патот за развојот на малите семејни винарии, бидејќи во минатото имаше неколку државни винарии кои што беа големи и кои практично беа приватизирани, дел од нив навистина станаа познати брендови, дел не постојат денес. Меѓутоа малите семејни винарии денес прераснаа во наша гордост и препознатлив бренд на нашата држава. Денес имаме вкупно 173 регистрирани мали семејни винарии“, изјави Ковачевски.
При тоа, Ковачевски потенцираше дека со правилни мерки и политики, македонското вино сега бележи голем успех на странските пазари, а паралелно расте и извозот на флаширано вино и девизниот прилив.
„Пред 2017-та, ние извезувавме наливно вино. Го флашираа странски винарии, ни го враќаа назад флаширано со етикети на други производители и држави. Од година во година бележиме зголемување на извозот на вино во шишиња, наспроти извозот на наливно вино. Може да кажеме дека веќе надминавме 50% извоз на флаширано вино од државата. Според последните податоци на World Top Export сме први во регионот по извоз на вино и неговата вредност и според количините. За прв пат пред Грција, а исто и пред Србија, Словенија, Бугарија, Хрватска и сите земји во регионот “, рече Ковачевски, додавајќи дека девизниот прилив сега достигна околу 60 милиони евра годишно, со што Северна Македонија е а високото 13 место во светот според вредноста на извезеното вино.
Претседателот на СДСМ, Ковачевски потенцираше дека СДСМ го вреднува трудот на земјоделците. Над 7 милиони евра субвенции и годинава се исплатија точно на празникот Свети Трифун на сметките на лозарите. Како и другите земјоделци, на крајот од 2023 година им беа исплатени 30% авансно од субвенциите за 2023 година, или 12.000 денари, со што вкупната субвенција што лозарите до сега ја добија, изнесува 52.000 денари по хектар.