Оваа година се одржуваат европски избори, а една од темите во кампањата ќе биде и предложената транзиција кон исклучиво нови електрични автомобили, како и можноста за продолжување на рокот за забрана на моделите со внатрешно согорување.
Во Европската унија до 2035 година треба да се забрани продажбата на нови автомобили кои произведуваат локални штетни емисии, т.е. би било задолжително да се префрлите на исклучиво електрични погони. Правилата за ова беа официјално прифатени минатата година, вклучувајќи автомобили и лесни комерцијални возила, но на забраната за мотори со внатрешно согорување во тоа време се спротивставија голем број европски земји, каде што постоечката автомобилска индустрија е еден од темелите на економската активност.
Земјите како Германија, Италија и Полска го предводеа „бунтот“, нагласувајќи дека роковите се премногу амбициозни и дека постои алтернативен пат – воведување исклучок за моторите со внатрешно согорување кои би користеле само синтетички горива. Тие се функционално идентични со сегашните фосилни горива, но не се добиваат на класичен начин од фосилни извори. Спротивно на тоа, тие би биле создадени од јаглерод диоксид извлечен од атмосферата, што би ги направило CO2 неутрални за животната средина. Денес, таквите горива се сè уште многу ретки и далеку поскапи од фосилните горива, но некои веруваат дека тоа ќе се промени во блиска иднина.
Европските избори се одржуваат во јуни, па прашањето за забрана на возилата со внатрешно согорување полека станува дел од предизборната кампања. Актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатата недела потврди дека ЕК, доколку остане на нејзино чело, ќе ја изврши најавената ревизија на плановите во 2026 година. За две години повторно ќе се анализира состојбата на пазарот на автомобили и горива, ќе се провери напредокот во е-горивата и дури потоа ќе се донесе конечна одлука.
Целосната забрана за мотори на фосилни горива, најавена за 2035 година, е многу веројатно дека ќе остане на сила, но се поверојатно е дека ќе се прават одредени отстапки во однос на моторите што согоруваат синтетички горива. Затоа, моторите со внатрешно согорување би можеле да останат во производство дури и по тој рок, но само доколку возилата со такви мотори можат да работат исклучиво на климатски неутрални е-горива. Класичниот бензин и дизелот ќе бидат забранети како гориво за сите нови автомобили.
Минатата година како краен рок за преминување кон еколошки погони беше прифатена 2035 година, но поради противењето на блокот земји, 2026 година беше истакната како година во која ќе се врши ревизијата. Доколку дотогаш се покаже напредок во технологијата на синтетичко гориво и автомобилската индустрија докаже дека тоа е остварлива алтернатива, ЕУ лесно може да им дозволи да продолжат со производство на автомобили и комбиња со мотори со внатрешно согорување – се додека работат само на климатски неутрални е-горива. Меѓутоа, доколку по изборите се промени владејачката гарнитура на ЕУ, можен е сосема поинаков развој на настаните.