„Имаме уште борби пред нас. Борби за промени, борби против нееднаквоста и бариерите, борби за просперитет и еднакви можности за сите девојки и жени да можат да учат, да работат, и да учествуваат во сите сфери на општествениот живот и во политичкиот живот .И во политичкиот живот, и во бизнисот, и во академскиот живот од кои сум бил дел, можам да кажам дека жените не увериле дека имаат еден поинаков, специфичен пристап во работата. Тој пристап, во време на криза, се покажа како исклучително вреден и неопходен за брзо и ефикасно решавање на предизвиците со кои се сретнавме“, изјави Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во своето обраќање на традиционалниот Осмомартовски Марш по повод Интернационалниот ден на жената, во организација на Форумот на жени на СДСМ.
Тој додаде дека тука спаѓаат сите министерки во Владата предводена од СДСМ. Без нив, ништо од тоа што се направило како Влада за поддршка на граѓаните, денес немало да е возмозможно.
„За нив, а и за сите вас кои секојдневно и ним, а и на сите нас ни дававте поддршка, имам само бескрајна благодарност. Тоа специфично женско лидерство од кое ние како општество можеме само да имаме придобивки, треба сите да го негуваме, да го развиваме, и да го унапредуваме. Тоа ни е потребно на сите, тоа и е потребно на Македонија. Во мојот мандат како премиер, сите министри кои ги предложив беа 50% жени, сите заменици министри кои ги предложив беа жени, сите државни секретари кои ги предложив беа жени и сите членови на мојот кабинет освен еден, беа жени“, посочи Ковачевски.
Тој додаде дека тоа е рекорд кој никој не може да го сруши, само може да го израмни и затоа денес 50% од Владата се жени и тоа сите предложени од СДСМ.
„Во нашата владина коалиција има политички парти кој на хартија зборуват за женските права, меѓутоа на дело тоа не го докажаа. Сите предложени министерки, заменик министер се од СДСМ. Меѓутоа ние ќе продолжиме да работиме посветено и заедно на остварување на уште поголемо учество, бидејќи ова е наша кауза. Затоа што ова наше општество ќе биде многу подобро место за живеење ако сите вие тука, нашите другарки од СДСМ, активно и секојдневно се вклучувате во општествениот живот и придонесувате кон остварувањето и на програмските, но и на стратешките цели на државата. И тоа е можно, затоа што со напорна работа нема недостижна цел. Успесите кои се постигнати досега се резултат токму на напорна работа. И тоа е факт“, заклучи Ковачевски.


