26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Премиерот Џафери на Конференцијата во Тирана: Планот за раст и Заедничкиот регионален пазар се клучни за забрзано членство во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се обрати на Конференцијата на високо ниво, посветена на Планот за раст за Западен Балкан, која е продолжение на разговорите започнати во Скопје минатиот месец. Премиерот Џафери зборуваше во рамки на Панелот „Вовед во единствениот пазар“, при што ја нагласи важноста на Заедничкиот регионален пазар како можност до придобивките на внатрешниот пазар на ЕУ, за граѓаните, уште во текот на пристапниот процес.
Премиерот Џафери посочи дека Владата на Република Северна Македонија силно го поддржува Планот за раст за Западен Балкан и дека тоа е најамбициозниот механизам предложен од Европската комисија од почетокот на нашиот евроинтеграциски процес, кој потенцијално ќе го промени регионот и ќе го забрза придвижувањето кон Европската Унија.

Планот за раст, како што истакна премиерот Џафери, означува сериозен стимул за поголема економска интеграција во рамките на Западен Балкан со што се создаваат не само подобри можности за работни места, туку и зголемување на растот на БДП низ регионот.

„Овој заеднички напор, не само што е од корист за Западен Балкан, туку и ја подобрува атрактивноста и конкурентноста на регионот. Нѐ доближува до пазарите на ЕУ и го олеснува одржливиот економски развој. Во оваа насока, заедничкиот регионален пазар ја постави основата на зајакнати трговски односи и заеднички економски иницијативи,“ истакна Џафери на Конференцијата на високо ниво, посветена на Планот за раст на Западен Балкан.

Како што посочи премиерот Џафери во своето излагање, земјите од Западен Балкан активно соработуваат и придонесуваат кон тоа заедничкиот регионален пазар да стане реалност, како подготовка за приближување на целиот регион до внатрешниот пазар на ЕУ, и дека пред земјите претстојат дополнителни, посуштински реформи во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на нашите економии и на регионот во целина. Следниот акцискиот план за заедничкиот регионален пазар, продолжи премиерот Џафери, треба да биде продолжение на постигнатиот напредок и да одговори на идентификуваните предизвици и да постави јасни, мерливи цели, вклучувајќи механизам за мониторинг и евалуација преку давање приоритет на активностите кои имаат најголем потенцијал да направат позитивни промени врз граѓаните.

Премиерот Џафери се осврна и на приоритетните области определени од Европската комисија, при што потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија целосно го поддржува предложениот патоказ за подобрена царинска соработка и дека сме посветени целосно на спроведување на одлуките на заедничкиот комитет на ЦЕФТА, за овластени економски оператори и за управување со ризик откако ќе бидат усвоени од сите страни.

Воедно, како што посочи премиерот Џафери на Конференцијата, Северна Македонија останува целосно посветена да стане што поскоро членка на СЕПА, со оглед на фактот дека тој чекор ќе го зголеми кредибилитетот на нашиот финансиски сектор на меѓународната сцена и ќе ги продлабочи трговските односи со европската област.

Премиерот Џафери се осврна и на единствениот дигитален пазар, при што изрази благодарност за конкретниот патоказ за распоредување на пристап до интернет до јавни згради и урбани и јавни простори, рурални простори во земјата, и ја потенцираше посветеноста и подготвеноста на земјата за имплементација на повиците за вклучување на општините од Северна Македонија во ВИ-ФИ за Западен Балкан (Wifi4WB), но и целосната посветеност на земјата на иницијативата за европски центри и дигитални иновации, како поддршка на компаниите во јавниот сектор, во зелените транзиции, а преку учество во програмата за дигитална Европа, и мрежата на европски центри во дигитални информации.

Премиерот Џафери воедно ја поздрави одлуката на Европската комисија да го отвори повикот на Алијансата за критични лекови во индустријата во граѓанското општество во Западен Балкан, потенцирајќи дека Владата на Република Северна Македонија е посветена да ја промовира оваа можност, имајќи ја предвид големината и различноста на нашата фармацевтска индустрија и да помогне во нејзиното вклучување во Алијансата.