Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ се сретна со Герт Јан Копман – Генерален директор на генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ДГ НЕАР).
На состанокот, Вицепремиерот водеше суштинска дискусија што ги нагласи повеќекратните придобивки на идното членство на Северна Македонија во ЕУ, како за граѓаните, така и за европската заедница.
Копман: „Вклучувањето на Северна Македонија во Европската Унија не е само прашање од геополитичко значење, туку сведоштво за заедничките вредности на демократијата, стабилноста и просперитетот што ЕУ ги застапува. Тоа претставува можност за Северна Македонија дополнително да ги зајакне своите демократски институции, да го подобри економскиот развој преку Планот за раст, како и да ја поттикне регионалната соработка“.
Маричиќ: „Наша цел е полноправното членство во ЕУ, процесот на пристапувањето бара посветеност, реформи и соработка. Северна Македонија постигна значителен напредок во исполнувањето на критериумите поставени од ЕУ и императив за да продолжиме да работиме заеднички, до реализација на заедничката визија за обединета и просперитетна Европа“.
Герт Јан Копман и Бојан Маричиќ ја нагласија посветеноста на двете страни да го поддржат и да се залагаат за пристапување на Северна Македонија во Европската унија. Таа служи како доказ за заедничките напори кои се во тек за да се обезбеди европска иднина за Северна Македонија и развој на регионот.