25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Џафери, Османи и Маричиќ во мобилната станица за патни исправи во Брисел: „Работиме на нови олеснувања“

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во придружба на премиерот Талат Џафери и вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, за време на престојот во Брисел, денес, ја посети македонската амбасада, каде што, покрај другите конзуларни услуги за нашите државјани, преку мобилната станица се врши фотографирање и земање биометриски податоци за издавање патни исправи.

„Амбасадата во Брисел и сите други дипломатско-конзуларни претставништва на Северна Македонија целосно ја реорганизираа својата работа во делот на конзуларната проблематика со цел излегување во пресрет на интересите и потребите на нашите граѓани што живеат и работат во странство. Секое барање од наш државјанин значи обврска за сите нас, особено за дипломатите во претставништвата, со цел давање брз, ефикасен и квалитетен одговор. Ова е период кога сите ние сме дополнително посветени за соочување со овој предизвик наметнат од енормното зголемување на барањата за конзуларни услуги, особено во делот на патните исправи“, истакна Османи запознавајќи се одблиску со актуелната состојба во Амбасадата поврзано за оваа проблематика.

Џафери, Маричиќ и Османи разговараа со наши државјани, кои се наоѓаа во просториите на Амбасадата, и ги уверија дека се прават максимални напори итие да не се соочуваат со никаков проблем во државата во која живеат поради обврската за обновување на личните документи, која произлегува од договорот од Преспа.

„Издавање на патните листови без надомест за сите државјани што живеат во странство и имаат потреба да се вратат во земјата за да извадат нови патни исправи, како и достава на патниот лист преку брза пошта онаму каде што нема дипломатско-конзуларни претставништва се само дел од решенијата. Следува организирање конзуларни денови и други видови олеснувања за граѓаните во странство за кои нашите претставништва беа инструирани и набргу ќе едува објава на планот“, информира министерот.

Османи ги брифира нашите државјани дека времетраењето на изработката на пасоши, кое е многу подолго од вообичаените рокови што постоеја до неодамна, е главната причина зошто периодот за врачување на изготвените пасоши во нашите претставништва е значително подолг од досегашната пракса, која имаше просек од 30 дена.

Министерството за надворешни работи располага со ограничен број базни и мобилни станици. Една од мобилните станици е токму во Амбасадата во Брисел, која во координација и соработка со амбасадите во Хаг и Париз врши услуги за фотографирање и земање биометриски податоци и за нашите државјани во Холандија и Франција.

Инаку, во текот на 2023 година Амбасадата во Брисел има обработено вкупно 2.488 предмети, од кои 1.127 издадени патни исправи и 523 патни листа; во Париз се обработени 1.083 предмети, меѓу кои 390 патни исправи и 242 патни листа; а во Хаг вкупно 1.076, со 340 патни исправи и 72 патни листа.

Во нашата Амбасада во Брисел беше оставрена средба и со добитникот на „МКартата“ во Белгија, со цел нејзино врачување. Министерот Османи изрази благодарност за покажаниот интерес за проектот „МКарта“ како значајно вмрежување на нашите најдобри претставници од дијаспората во светот и одличен пример за врската на овие личности со нашата земја.