22.8 C
Скопје
27. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Митрески – Јуратовиќ: Силна поддршка од германскиот Бундестаг за македонскиот пат кон ЕУ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, оствари денеска средба со Делегација на Бундестагот на Сојузна Република Германија, предводена од Јосип Јуратовиќ, претседател на Парламентарната група за Југоисточна Европа (ЈИЕ). На средбата присуствуваа и генералната секретарка на Собранието на РСМ, Цветанка Иванова, како и германските пратеници Томас Хакер, заменик – претседател и Штефан Браднер, член на Групата за ЈИЕ во Бундестагот и амбасадорката на Германија во земјава, Петра Декслер.

Претседателот Митрески изрази задоволство од посетата на претставниците на Бундестагот, кои се во посета на дел од земјите од регионот и се заблагодари за поддршката од Германија на сите полиња, а посебно на патот на Северна Македонија кон Европската Унија и за полноправното членство во НАТО. Тој истакна дека Германија е меѓу најголемите трговски партнери на Северна Македонија и дека односите меѓу двете земји ги карактеризира долгогодишно пријателство и соработка. Беше искажана длабока и посебна благодарност за неодамна донесената Резолуција во Бундестагот, со која се поддржува европската иднина на Северна Македонија и се оддава посебно признание на македонската култура, идентитет и јазик. Пратеникот Томас Хакер, како еден од иницијаторите на Резолуцијата, истакна дека ова е редок случај кога Бундестагот издвојува на ваков начин една земја на посебно ниво, што јасно ја демонстрира силната поддршка за европската иднина на нашата земја.

Од германска страна беше особено потенцирана важноста од внатрешен парламентарен дијалог и национален конзесус, особено за прашања од стратешки интерес, како што е членството во евроатлантските институции. Во тој контекст, претседателот Митрески изрази очекување дека Северна Македонија до 2030 година ќе обезбеди полноправно членство во ЕУ. Тој посочи дека во изминатите години земјата се соочуваше со повеќе предизвици и блокади, но и дека покажа подготвеност за реформи и за исполнување на критериумите за членство во НАТО и за отворање на преговорите со ЕУ.

На средбата беа разменети мислења околу Берлинскиот процес, кој годинава го одбележува својот 10-годишен јубилеј. Општ став беше дека со вклучувањето на парламентите во истиот се подига нивото на политичка соработка, со истовремено подобрување на информираноста на парламентарците за предностите содржани во потпишаните договорис кои потоа треба да се ратификуваат во националните парламенти.

Осврнувајќи се на поинтензивната парламентарната соработка на ниво на служби, генералната секретарка Иванова се заблагодари за помошта од Бундестагот за независно внатрешно собраниско обезбедување. На овој проект, кој е во рамки на Програмата за парламентарна поддршка на Швајцарската конфедерација, веќе има предлози за конкретни законски решенија и ќе биде доставена донација на опрема за негова целосна реализација. На крајот, изрази очекување дека соработката ќе продолжи и во други области од взаемен интерес.

Претседателот Митрески ги информира присутните и за обврските и надлежностите на Собранието во однос на претстојните парламентарни и претседателски избори во земјава.

На крајот на средбата, пратеникот Јуратовиќ, истакнувајќи дека Германија и натаму ќе ја поддржува Северна Македонија на сите полиња на патот кон ЕУ, посака мирен изборен процес во земјава, со, како што рече полна одговорност кон македонските граѓани.