16.8 C
Скопје
27. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Комисијата за заразни болести предлага прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје

Комисијата за заразни болести денеска имаше редовен состанок на кој, како што соопшти Петличковски, било дискутирано за постојната состојба со вирусните инфекции, акутни респираторни и состојбата со големата кашлица.

„Последните бројки се 18 потврдени случаи на голема кашлица. Имајќи предвид дека овој број расте, особено на територијата на Скопје, каде што се потврдени 14 случаи, одлучивме да предложиме прогласување епидемија за град Скопје. Ова звучи страшно, но реално треба да ни олесни во справување со ризикот што доаѓа со болеста голема кашлица. Очекуваме да излезе упатство за постапување во услови на епидемија од Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини. Нивото на вакцинирани против пертусис не е задоволувачко“, изјави Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.

Тој ги повика сите што ја пропуштиле вакцинацијата со редовниот календар – да се вакцинираат. Предлагаат да се организира работата на пунктовите во две смени и дополнително да се примаат деца за вакцинација и во сабота.

„Препорачуваме забрана за прием на невакцинирани деца против пертусис во градинки. Очекуваме овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација. Фокусот е заштита на најмалите. Оваа болест е најтешка за најмалите. Вакцинацијата по редовниот календар почнува во вториот месец. Дури една доза значително ги заштитува вакцинираните од сериозен тек на болеста“, додаде тој.

Во однос на училиштата, тој посочи дека во моментот немаат решение со оглед дека образованието е задолжително.

Оваа препорака не се однесува на училиштата, туку само на градинките, рече Петличковски.

Заразноста на оваа болест трае 5-6 дена, инкубацискиот период може да се движи од 7 до 21 ден, а потврдените случаи по почнување на антибиотската терапија, да останат во изолација пет дена.

„Имаме доста тестови на располагање, матичните лекари и специјалистите ќе добијат упатства од СЗО за упатување за тестирање на сомнителните случаи“, изјави Петличковски.

Од искуството со епидемијата на морбили, Комисијата се одлучува на овие опции затоа што, како што велат, имало ефект.

Ова се препораките до министерот за здравство и Петличковски очекува бргу да стапат во сила.